Цветин ЧИЛИМАНОВ, специјален известувач на МИА од Будимпешта
Американскиот надворешно – политички експерт Гладин Папин се смета за еден од клучните луѓе во градењето на односите меѓу Унгарија и администрацијата на претседателот Трамп во САД. Во разговор за МИА, Папин, кој е директор на унгарскиот Институт за меѓународни прашања, ги изложи своите погледи кон изборите во Унгарија, за обидите на ЕУ да и помогнат на унгарската опозиција и за реакцијата на Вашингтон.
Унгарија му предизвикува потешкотии на Брисел на повеќе начини – како прво, премиерот Орбан дава пример дека е можно да се има успешна влада во Европа која ги избегна катастрофалните грешки на другите европски влади. Затоа Брисел сака да го прикрие успехот на Унгарија и не сака да видите дека ова е успешна држава. Ако постои членка на ЕУ која ги избегнала нивните проблеми, тоа прави другите влади да изгледаат лошо поради нивните одлуки. Второ, тие сакаат да создадат по-федерална ЕУ. Во Брисел конкретно решија дека немаат друг начин да ги растат своите економии и дека единствената стратегија им е да продолжат да ја поттикнуваат војната во Украина. Практично тоа им е бизнис моделот. Тоа се двете причини. Мислам дека е за жалење што го прават тоа, но тоа е реалноста.
Пред неколку дена Унгарија го пречека потпретседателот на САД, Џеј-Ди Венс, кој го поддржа премиерот Орбан.

Американскиот потпретседател беше тука неделава и многу либерали рекоа дека тоа било странско мешање, но вистинското странско мешање е уцената што се врши од страна на ЕУ врз унгарските гласачи со нивните пари. Од ковид епидемијата ЕУ на разни начини и ускрати пари на Унгарија, од фондовите за обнова по ковид, од кохезиските фондови за развој на економијата, а тука се и казните затоа што Унгарија одбива да го спроведе пактот за мигранти. Овој пакт за миграција е совршен пример на оваа политика, бидејќи Унгарија за време на мигрантската криза во 2015-2016 година донесе правилна одлука дека не сака да учествува во програмата за распоредување мигранти низ ЕУ. Зошто да ја казниме затоа што донела правилна одлука? А сепак, токму тоа се случува. ЕУ ја казнува Унгарија милион долари дневно поради ова.
За време на кризата, Унгарија и пружи значителна помош на македонската Влада да ја затвори јужната граница.
Премиерот Орбан е исклучително важен за сите земји од Западен Балкан, каде ги поддржува сите патриотски влади, им помага финансиски кога тоа е можно да ги донесат вистинските одлуки и го крева прашањето за приемот на земјите од Западниот Балкан во Европската Унија. Погледнете само што се случи со Северна Македонија, вие сте совршен пример за нивните уцени – направивте се што ви побараа, го сменивте името на вашата држава, а тие пак ви држат сабја над глава и ви се закануваат, ви бараат да ги спроведете сите нивни политики, па можеби, по 10-20 години, ќе ви оддадат признание.

Дали поддршката на Трамп и Џеј-Ди Венс дојде на време да се сузбие мешањето на ЕУ или, пак, се работи за задоцнета и недоволна реакција?
Унгарија е про-американска земја. Уште од крајот на Студената војна тука има силна про-американска струја. За жалење е што администрацијата на Бајден беше толку строга кон Унгарија. Мислам дека сите Унгарци сакаа овој однос да се врати во нормала. Мислам дека се што стори администрацијата на Трамп е да и оддаде признание на Унгарија. Во ред, Трамп донесе и многу инвестиции и зделки, но либералите во Европската Унија се обидоа да ја прикажат Унгарија како црна овца, а Унгарците да се срамат од самите себе, иако, реално, Унгарците имаат многу причини да се горди на постигнатото. Тие си ја обновија државата по ужасниот 20-ти век. Потоа, во 1990-ите години, тие ја загубија својата сувереност. Во сите нивни големи компании, 80 проценти од енергетскиот сектор беше во странски раце, 80 проценти од медиумите беа странски, 80 проценти од супермаркетите… За Унгарија, враќање на националниот суверенитет значеше овие компании и стратешките сектори да се вратат дома. Владата на Фидес го направи тоа во изминатите 15 години. МОЛ, големата енергетска компанија, сега е важен дел од социјалната мрежа на Унгарија. Овие компании помагаат да се покријат основните потреби на секојдневниот живот. Американската посета беше многу важна, бидејќи главната порака на потпретседателот Венс беше дека тој се восхитува на тоа што Унгарците го постигнаа во изминатите 15 години и дека е многу важно за американската визија за Европа тој процес да продолжи. Тоа беше важна посета. Ништо нема да ги спречи силите во Брисел во нивните обиди да и наштетат на земјата, но САД, по една година подготовки, го понудија своето признание и тоа дојде во совршен момент. Потпретседателот не се обидуваше да ги присили Унгарците да гласаат на овој или оној начин, тој не користеше финансиски уцени, за разлика од Брисел. САД само понудија отворена рака на пријателство.




