Талибанците денеска ја слават четвртата годишнина од враќањето на власт во Авганистан, поттикнати од руското признавање на владата и со надеж дека и други земји ќе го следат примерот.
Планирани се паради во неколку градови, како и во центарот на Кабул, каде што ќе се фрла цвеќе од хеликоптери и ќе се кренат црно-белите знамиња на Исламскиот емират на Авганистан за Денот на победата, кој го означува повторното освојување на главниот град на 15 август 2021 година.
Од синоќа, Талибанците се собраа на раскрсницата што води до амбасадата на САД, палејќи огномет и мавтајќи со големи знамиња.
Воената парада што се одржуваше во претходните години во базата Баграм, поранешниот центар на западните операции против бунтот на Талибанците за време на војната (2001-2021), нема да биде организирана денеска. Прославите се откажани, изјави официјален претставник на Талибанците под услов да остане анонимен.
Владата на Талибанците останува изолирана од меѓународната заедница, која ги критикуваше мерките против слободата преземени во име на ултрастрого толкување на исламскиот закон, особено против жените.
Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на двајца лидери на Талибанците на почетокот на јули за прогон на авганистански жени, на кои им е забранет пристап до универзитети, теретани, салони за убавина, паркови и многу работни места.
Но, владата на Талибанците, која се бори да добие меѓународно признание, штотуку извојува победа со руското признавање.
Кабул, исто така, одржува блиски врски, дури и без официјално признавање, со земјите од Централна Азија, Кина и Обединетите Арапски Емирати, меѓу другите.
Владата на Талибанците објави дека во Кабул се одржале разговори со норвешки, британски и американски претставници.
Специјалните известувачи на Обединетите нации денеска ја повикаа меѓународната заедница да не ги нормализира односите со Талибанците и да го отфрли нивниот „насилен и авторитарен режим“. Тие рекоа дека Талибанците ја практикуваат моќта „без легитимитет“ и покажуваат „флагрантно непочитување на човековите права, еднаквоста и недискриминацијата“.
фото: архива