Оваа есен С. Македонија очекува датум за почеток на преговори со ЕУ, а самите преговори би почнале до крајот на годината. Земјата, како што изјави вчера премиерот Зоран Заев добила писмена гаранција за датум за почеток на преговорите наесен, а за тоа се согласиле сите земји и иако некои од нив имале забелешки во однос на одредени аспекти на спроведените реформи, сепак ниту една земја не била против.
Дека ниту една земја-членка не се противела вчера потврди и романското претседателство на Унијата, кое реагираше на шпекулациите дека седум членки завчера на Советот за општи работи биле „против“ преговори со С. Информациите се демантирани и на вебсајтот на Министерството за надворешни работи на Луксембург.
Министерот за надворешни работи на Романија и претседавач на завчерашниот состанок во Луксембург, Џорџе Чиамба во писмена изјава за МИА, потсетува дека компромисот постигнат завчера да се одложи одлуката за старт на преговори е резултат на консензус меѓу земјите-членки, како што предвидува праксата во Советот.
Грција најмногу се борела за нас
Според извори од Владата, ниту една држава не изразила сомнеж дека РСМ ги исполнила сите задачи. Холандија изразила очекување да се донесе законот за Јавно обвинителство, но без негативен став и со согласност за почеток на преговорите годинава. Најмногу за нас се „бореле“ Грција, Австрија, Словенија, Словачка, Луксембург, Унгарија, Романија, Малта, балтичките држави и Хан. Бугарија била крајно позитивна, Франција воздржана со барање на повеќе време за одлука за двете држави – Македонија и Албанија.
Верување дека ЕУ ќе го загуби кредибилитетот доколку не даде датум оваа есен изразуваат властите во земјава, но и европските експерти, кои, пак тврдат, дека Македонија е „жртва“ на внатрешно-политичките случувања во Унијата. А претседавачот на ОБСЕ и шеф на словачката дипломатија Мирослав Лајчак вчера од Скопје со порака дека датумот е одложен поради одложувањето на процедурата за извештајот на ЕК во Буденстагот. Земјите-членки, вели тој, немале проблем со нас, имале проблем со Албанија.
-На Министерскиот совет написмено добивме правно формална гаранција дека не подоцна од октомври ќе добиеме датум за почеток на преговорите. Нема можност да се донесе ваква одлука без сите земји да бидат согласни што значи дека има консензуална одлука, изјави вчера Заев.
Додаде дека има разбирање оти во ЕУ се одржале избори за Европскиот парламент и дека парламентите на земјите-членки им треба време за разгледување на материјалите и донесување одлука. Тој изрази верување дека ова ќе го потврди и Евроскиот совет и оти во октомври ќе добиеме датум.
-Нашите очекувања се до декември да се отворат поглавјата и да почнат преговорите со ЕУ. Подобра гаранција за нас ќе беше доколку датумот се случеше во јуни, но ваквиот заклучок гарантира дека тоа ќе се случи во октомври и верувам дека тоа е порака за сите нас сериозно да работиме и да продолжиме со реформите за унапредување на севкупните перформанси на нашата земја, рече Заев.
Никоја земја не кажала „не“, а датум нема
А претседавачот на ОБСЕ и шеф на словачката дипломатија Лајчак вчера на заедничката прес-конференција со министерот за надворешни работи Никола Димитров нагласи дека ниту една земја за нас не рекла „не“, а одлуката не е донесена поради внатрешната процедура во Германија.
-Немаше ниедна земја членка која што рече „не“ за С. Македонија. Земјите членки имаа проблем со Албанија и ова е дилема со која мора да размислуваме и да се справиме со неа. Има една резолуција од холандскиот Парламент, која што вели дека тие се против покана за Албанија и мислам дека во овој период до октомври треба да биде искористен од страна на Владата во Тирана да се справи со таквата загриженост која постои во земјите-членки во врска со нив. Тие рекоа дека ова не е време за проширување, треба да се фокусираме на Брегзит и на консолидација, но преовладувачкото мнение е дека вашата земја направи одлични нешта со Преспанската спогодба и заврши одлична работа со реформите и сега е наша одговорност да го завршиме нашиот дел од домашната задача и да ви упатиме покана. Очекувам да се материјализира во октомври, рече Лајчак.
Лајчак во интервјуто кое го даде за МИА на прашањето дали е фер нашата земја да биде врзана со друга земја по направените напори за решавање на билатералните спорови и реформите спроведени досега рече дека движењето напред во група или во тандем со друга земја е добро и продуктивно, но треба да преовладува принципот на индивидуална заслуга.
Министерот Димитров нагласи дека не можеме да бидеме задоволни без одлука во октомври и додаде дека е многу важно ЕУ да покаже дека е сериозна во однос на европската перспектива на регионот, кој е опкружен со земји-членки.
-И затоа јас претпочитам наместо за проширување, треба да зборуваме за комплетирање, бидејќи проширување имплицира дека ЕУ ќе стане поголема географски. Мислам дека нема да стане поголема географски туку ќе стане поцврста, ќе се консолидира, рече Димитров и напомена дека доколку изостане датумот тоа ќе има директни импликации врз кредибилитет на ЕУ и нејзината моќ, имајќи ја предвид и Солунската агенда од 2003.
-Нашата цел е да започнеме преговори во декември 2019. Сакавма тоа да биде пред одморите бидејќи секое одложување носи непредвидливост, но од наша страна нема да бидеме понеспремни и во септември и во октомври. Ние ќе бидеме предвидливи, ќе работиме на СЈО и ќе бидеме во ситуација да се каже не, а беше тешко и сега. Конечно се работи само за почеток на нашиот пат. Ние не сме спремни денес или утре да станеме земја членка, но сме апсолутно спремни на рамен терен да се натпреваруваме кој ќе биде поуспешен во реформите со нашите пријатели од Подгорица или Белград, рече Димитров.
А европски експерти за проширувањето во ЕУ за МИА предупредуваат дека оваа „стратешка грешка“ не смее да се повтори во октомври.
Македонија е жртва на внатрешната политика на ЕУ
Македонија е „жртва“ на внатрешната политика на Европската унија, смета Роза Балфур од Германскиот Маршалов Фонд (ГМФ) и вели дека вината е целосно на страна на ЕУ во овој случај, но и дека не верува дека ЕУ би ризикувала во октомври да го изгуби сиот свој кредибилитет токму во регионот во кој е најпопуларна.
-Ако ЕУ не отвори преговори со Македонија тоа ќе биде голема стратешка грешка. За жал, прашањето се заглави во европската политика. Сакам на македонската јавност да и кажам дека треба да се биде внимателна и трпелива и дека работите може да се сменат, вели Балфур за МИА.
На слично мнение е и Тоби Вогел, поранешен новинар и долгогодишен набљудувач на односите ЕУ-Балкан.
-Колку и да сум подготвен да ја критикувам македонската влада, искрено, вината во овој случај е единствено кај Европската унија и посебно кај Франција, Германија и Холандија. Без оглед на тоа дали македонската дипломатија била или не била ефикасна, ЕУ се заложи да донесе одлука и тоа не го стори, не го испорача ветеното, коментира Вогел.
На заклучоците од Советот се осврнаа и опозициите во Грција и во С. Македонија.
За Нова демократија хипокризија од ЕУ е прво да ја притиска Грција да го постигне Договорот со соседната земја, а потоа да не оди понатаму со интегративниот процес.
-Овде постои хипокризија, бидејќи Европската унија која ја притискаше Грција за да се постигне овој компромис – штетен според мислењето на Нова демократија и на мнозинството од грчкиот народ – толку многу притискаше за брзо да одат работите, и иако се постигна, сега вели не одиме напред со интегративниот процес и ова е едно прашање што уште еднаш го задира кредибилитетот на Унијата, вели одговорниот за надворешна политика во опозициската Нова демократија, Јоргос Кумуцакос, кој додаде дека постојат држави што реагираат и не сакаат Скопје да започне пристапни преговори.
Ладен туш за корумпираната влада на Заев
А опозициската ВМРО-ДПМНЕ со коментар дека наместо датум за почеток на преговори, Советот на министри на ЕУ испорачал ладен туш за корумпираната влада на Зоран Заев.
-Не е доволно само да се распродадат националните интереси и да се промени името кога земјата ја водат криминалци кои се неспособни да спроведат реформи. На ЕУ не и требаат преговори со аболицирани политичари кои се живи фатени како бараат мито од едно евро по метар квадратен, е коментарот на опозициската партија, смета ВМРО-ДПМНЕ.
Одлуката што ја донесоа министрите во вторникот сега треба да биде потврдена од страна на шефовите на држави и влади на ЕУ на Европскиот Совет денеска и утре во Брисел, а премиерот Зоран Заев вчера истакна дека ги разбира процедурите во Бундестагот и другите парламенти, но додаде дека е важно да добиеме заклучок кој е сериозна гаранција за сите нас.
-Верувам дека утре или задутре ќе биде потврден и од Европскиот совет и октомври ќе биде октомври, рече вчера Заев.
Тој и неговиот албански колега Еди Рама во изјава за Фајненшл тајмс порачаа дека националистичките сили ќе зајакнат на Балканот ако Северна Македонија и Албанија до есенва не добијат зелено светло да ги почнат преговорите за приближување со ЕУ.