Антонијо Милошоски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ денес одржа прес-конференција за ставот на Венко Филипче, претседателот на СДСМ за францускиот предлог и за резолуцијата која што тој ја нуди, со наводно патриотски црвени линии.
-Првата констатација е дека Венко Филипче ја менува својата политика и позиции во зависност од потребите на својот финансиски и политички ментор, Зоран Заев, а се во нивен заеднички интерес да се задржат на чело на СДСМ. На прес-конференција на 1 октомври 2024 година, Венко Филипче изјави дека францускиот предлог е победа и голем успех на нашата дипломатија. Парадоксот е толку голем, што денес една година потоа, Филипче изјавува дека се потребни црвени линии и резолуција за заштита од оваа негова во наводници прогласена дипломатска победа. Дали Венко Филипче лажеше 2024 година кога кажа дека дипломатијата победила со прифаќањето на францускиот предлог или лаже денес кога нуди предлог резолуција со црвени линии за заштита од истиот француски предлог којшто е целосно во корист на источниот сосед, рече тој.
Милошоски оценува дека ваквите изјави и изменети ставови на Филипче, не се порака до македонските граѓани, туку се порака до соседна Бугарија.
-Венко Филипче не знае да изгради ниту автопат, ниту клинички центар, но е многу способен, заедно со неговиот гуру Зоран Заев, да стави потпис и печат на секој иден документ, којшто дополнително би ја потчинил Република Македонија на ист начин како што тоа го направи Бујар Османи со францускиот предлог и анексите кои што ги прифати во корист на соседна Софија. Затоа сметаме дека ваквите изјави и изменети ставови на Филипче, не се порака до македонските граѓани, туку се порака до соседна Бугарија, бидејќи Венко Филипче се надева дека источниот сосед или некој меѓународен актер ќе му помогне да дојде на власт, или барем да ја задржи водечката позиција во СДСМ, бидејќи знае дека нема поддршка од македонските граѓани, а нема поддршка ниту од најголемиот дел од симпатизерите или членовите на СДСМ. Пораките на Венко Филипче се само говор којшто тој го чита од она што му го има напишано Зоран Заев. Пораките на Венко Филипче за францускиот предлог се некредибилни и внесуваат дополнителна конфузија во македонските позиции, го отежнуваат она што се обидува да го поправи министерот за надворешни и македонската дипломатија и само воведуваат уште еден дополнителен комплексен пристап во ова прашање од кое што корист има соседна Софија, рече Милошоски.
Тој порача дека Венко Филипче знае дека ќе претрпи пораз на овие локални избори.
-Неговата борба после локалните избори, не е борба за позициите на Македонија. Неговата борба, е борба за задржување на чело на СДСМ, бидејќи тој и Зоран Заев имаат интерес СДСМ да ја третираат нивна приватна сопственост. Затоа оваа предлог-резолуција за наводни црвени линии кон францускиот предлог, е порака со која што Венко Филипче бара спас и поддршка од дел од меѓународната заедница и после поразот на локалните избори да му овозможат и да му помогнат да остане на чело на СДСМ, за во иднина да го доврши предавството што го започнаа Заев и Бујар Османи. Пораките на Венко Филипче се прочитани, ваквиот бомбона-бизнис нема да им помине. Граѓаните знаат дека СДСМ во соработка со ДУИ, долги години ги подриваше позициите на Република Македонија. Ја доведоа во потчинета положба и на економски и на политички и на дипломатски план. И затоа, освен што ќе доживеат пораз на локалните избори ги очекува и големо турбулентно време во самата нивна партија СДСМ, која што во моментов ја имаат приватизирано Венко Филипче и Зоран Заев. Можеби се надеваат дека во овој потфат за манипулација ќе им помогне Али Ахмети, или можеби Бујар Османи, но ВМРО-ДПМНЕ тоа нема да го дозволи. Бидејќи ќе останеме на нашите принципи, Македонија никогаш повеќе да не биде доведена во потчинета позиција, без разлика кој има внатрешен или надворешен интерес, тоа да го постигне. Она што Венко Филипче и Зоран Заев го правеа 20 години во Струмица, и управуваа со општината на начин на кој што сакаа да ги остварат своите бизнис интереси, нема да можат веќе понатаму да го прават со Република Македонија. Нивното време заврши и затоа најдобро е Венко Филипче наместо предлог-резолуција со црвени линии за францускиот предлог, да предложи внатре во СДСМ предлог-резолуција за сериозни реформи во таа партија која што ја окупираа финансиски олигарси, предводени од Зоран Заев, вели Милошоски.