Европратеникот Никос Андрулакис и поранешниот премиер Јоргос Папандреу денеска се борат за нов лидер на грчката централно левичарска партија Движење на промена, поранешно ПАСОК, откако во првиот круг, минатата недела добија најголем број од гласовите, јави дописничката на МИА од Атина.

Првиот круг помина со масовна излезност и продолжување на избирачкиот процес, поради големиот одѕив, гласаа 270.706 лица, над 55.000 повеќе во споредба со претходните избори пред четири години.

Во неделата, прв беше 42-годишниот Андрулакис со 36,88 отсто од гласовите, а зад него 69-годишниот Папандреу со 27,97 проценти, само два отсто повеќе од Андреас Ловердос, кој не успеа да влезе во вториот круг.

Двајцата кандидати веќе го остварија правото на глас, а според грчките медиуми до 13.30 часот гласале над 120.000 лица.

Европратеникот Никос Андрулакис, по гласањето побара одново да има големо учество, а гласачите да му дадат „јасен мандат за да можеме сите заедно да ја направиме Демократската партија повторно силна и горда“.

Од друга страна, Јоргос Папандреу рече дека минатата недела со големиот одѕив испратиле „порака за надеж за голема и демократска партија, корисна за државата“ и додаде дека денеска, сите демократи со гласањето се повикани да изберат „силно лидерство, со силен глас во Парламентот, за силна Грција и за праведно и зелено општество“.

Избирачките места се отворија во седум часот утрово, се очекува да затворат во 19 часот, доколку нема потреба од продолжување на гласањето како што беше случај во првиот круг, а право на глас имаат само оние кои гласаа минатата недела.

Првичните резултати се очекуваат по 22 часот.

Изборите во Движење на промена не се поврзани со смртта на лидерката на партија Фофи Генимата која планираше повторно да биде кандидат за претседателската позиција, меѓутоа влошувањето на здравствената состојба ја натера да ја повлече кандидатурата, а десет дена подоцна ја загуби битката со ракот.

Јоргос Папандреу се кандидираше откако Генимата соопшти дека се повлекува од трката.

ПАСОК последен пат победи на изборите во Грција во 2009 година, а во изминатите години е трета политичка сила во земјата.