Се запали автобус на ЈСП во движење на улицата „Христо Татарчев“. Го управувал 46-годишниот Д.М., кој за среќа реагирал свесно и разумно па го изгасил со противпожарната опрема. Добро е што во моментот немало патници во него, а инцидентот се случил вчера наутро, додека во полиција бил пријавен околу 6 часот, информира „Скопско ехо“.

Прашањето што се наметнува е: како, особено после трагедијата кај Ласкарци, надлежните не тргнуваат во неопходната грижа на техничката исправност на автобусите кои секојдневно превезуваат патници – без разлика дали се државни или приватни. Непосредно по несреќата кај Ласкарци се случи вонредна контрола на скопските улици кога полицијата исклучуваше од сообраќај автобуси без технички преглед. Извадени од сообраќајните линии беа вкупно 49 автобуси, ама меѓу нив немаше од ЈСП. Дали треба дополнително да се потсетат дека и автобусите на ЈСП може да бидат „зрели“ за вонредни и посериозни контроли?, прашува „Скопско ехо“.

Објаснување нема. Ни тогаш ни сега. Од претпријатието, очекувано, тврдат дека нивните возила се исправни и редовно контролирани и дека наскоро ќе се пуштат во промет новите автобуси.

Ама ете, дел од автобусите се запалуваат во време на возење. Случајот од вчера не е единствен. Зарем се ќе се остави само на спретните и прибрани возачи кои засега добро реагираат при пожарите?

Извор: Скопско ехо