Амбасадорот на Кралството Холандија, Дирк Јан Коп, порача дека во Македонија треба да се затне носот и да се голтнат уставните промени. Признава дека предлогот не е совршен, но вели дека тоа ќе ја однесе државата во ЕУ.
Последната анкета на ЕУРОТИНК пак, покажува дека расте скептицизмот во ЕУ, најголема закана за Македонија е Бугарија, а 72 отсто сметаат дека земјата оди во погрешна насока.
Расте скептицизмот за Европската Унија, најголема закана за Македонија е Бугарија. Ваков е заклучокот од резултатите на анкетата „Еврометар“, спроведена од страна на агенцијата „Брима“ од 12 декември до 27 декември 2022 година на репрезентативен примерок од 1.006 испитаници.
Според ова истражување, високи 72 отсто од испитаниците сметаат дека Македонија се движи во погрешна насока. Во однос на фундаменталните општествени вредности, високи 61 отсто од испитаниците сметаат дека нема демократија. Зголемен е скептицизмот во врска со влезот на Македонија во Европската Унија.
-Имаме рекордно ниски бројки во однос на довербата и ставовите на македонските граѓани кон ЕУ и ставот кон самиот процес на интеграции. На прашањето – каков е ставот на ЕУ кон Македонија највисоки 65 отсто сметаат дека тој е нефер и уценувачки, додека оние кои сметааат дека е фер е само ниски 17 проценти што се падови и осцилации од 20 проценти во однос на претходните години, рече извршниот директор на Евротинк, Димитар Николовски.
Дополнително, 29 проценти од испитаниците мислат дека Македонија никогаш нема да влезе во ЕУ, додека во 2021 овој процент изнесувал 17 отсто.
Зголемена е загриженоста на граѓаните во врска со тоа дали некоја држава или меѓународна организација претставува закана за Македонија, каде 42 проценти од испитаниците сметаат дека постои закана, за разлика од многу пониските 33 отсто минатата година. Како најголема закана од листата се споменуваат Бугарија (27%) и Русија (4%). За разлика од тоа, Србија се смета за најголем пријател со 37 проценти.
Коп вчера во Македонија имаше средба со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на која се разговарало за актуелната политичка состојба, како и евроинтегративниот пат на Македонија.
Мицкоски на средбата истакнал дека односот на бугарските власти кон Македонија и негирањето на македонскиот идентитет, само ја засилуваат ескалацијата на лошите односи помеѓу двете држави, потенцирајќи дека пристапниот пат на државата кон Европската унија не смее да личи на пазар со земјоделски култури на кој се продава и се купува македонскиот идентитет.
Мицкоски го информираше амбасадорот Јан Коп, за високиот степен на корупција и криминал од високи владини функционери, како и дека граѓаните предолго се изложени на лаги од владата на СДСМ и Димитар Ковачевски, укажувајќи дека потребно е одржување на предвремени парламентарни избори и нова влада со луѓе кои ќе стојат зад дадениот збор и ќе ги исполнуваат ветувањата. Воедно, Мицкоски се заблагодари за поддршката и ангажманот од страна на Кралството Холандија, изразувајќи верување дека ќе продолжи соработката и партнерството меѓу двете држави.