Ако премиерот Зоран Заев не ме разбира, немам што друго да кажам освен дека може слободно да ме разреши на наредната владина седница, вели за порталот СДК директорот на Пазарниот инспекторат Стојко Пауновски.
Тој се најде во немилост на Заев оти не сака да реализира 35 рамковни вработувања што му биле прераспределени, затоа што не ги исполнуваат условите за пополнување потребни работни позиции.
По изјавата на Пауновски дека не ги потпишува решенијата за вработување на 35 административци од Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, Заев вчера остро му се закани.
– Испраќам порака пред сѐ до директорот на Пазарниот инспекторат којшто е доста гласен, треба да ги спроведеме одлуките или да кажеме зошто не се спроведуваат, а не да водиме, така да кажам, јавна војна преку медиумите едни со други, изјави вчера Заев.
Пауновски вели дека и покрај ваквата изјава на премиерот Заев, тој останува на ставот дека додека е тој директор нема да ги потпише решенијата за вработување на овие 35 лица.
Пауновски вели во моментов 41 отсто од вработените во Инспекторатот се Албанци. Вели дека дел од кадрите кои му се даваат се со несоодветно образование.