Веднаш по започнувањето на рочиштето за „Рекет“, Судот даде 30- минути пауза за консултации, а во меѓувреме ќе повикаат доктор да ја провери здравствена состојбана првообвинетиот Бојан Јовановски – Боки 13.
На почетокот на судењето претседателката на Судечкиот совет Весна Николовска Масевска рече дека им била доставена медицинска документација од ГОБ „ 8 Септември“ од Јовановски, кој денеска имал здравствени проблеми – повраќал и бил тешко контактибилен. По мислење на затворскиот доктор, тој не е способен да го следи рочиштето.
– Не се чувствувам добро. Имав десет повраќања. Имам исклучителна желба активно да учествувам во судскиот процес. Немам добиено терапија за новата дијагноза што ми е најдена. Едноставно затворскиот доктор констатираше дека не можам да го следам судењето, но јас инсистирав да бидам донесен за да не биде дека одолговлекувам, но не сум во свесна и рационална состојба да го следам судското рочиште, изјави Боки 13, на прашање од судијката како се чувствува сега, рече Јовановски.
Обвинителката Вилма Рускоска, пак, кажа дека според лекарите во ГОБ „8 Септември“, Јовановски е во добра здравствена состојба.
– Јас сум сигурна дека е така. Ниту еден доктор не би ја ризикувал својата лекарска лиценца. Сметам дека ова е само обид за одлговлекување, рече Рускоска
Судот по ова даде 30 минути пауза за консултации, а во меѓувреме ќе повикаат доктор да ја провери неговата здравствена состојба.
Судењето започна со еден час задоцнување почнува судењето за случајот „Рекет“. Во судницата се тројцата обвинети Бојан Јовановски – Боки 13, Катица Јанева и Зоран Милевски – Кичеец.
Со полициска придружба Боки 13 беше спроведен во Кривичниот суд од КПУ Затвор Скопје каде што издржува мерка притвор, а од домашен пртивор беа донесени поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева и Зоран Милевски – Кичеец.
Рочиштето веднаш на почетокот беше прекинато поради технички проблем со озвучувањето.
Судењето го следат бројни новинарски екипи.
Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во октомври годинава поднесе обвинение против Јовановски, Јанева и Милевски.
Како што соопшти Јавното обвинителство, првообвинетиот Јовановски се сомничи дека сторил кривично дело „перење пари и други приноси од казниво дело“, а Јанева и Милевски за „примање награда за противзаконито влијание“. Второобвинета Јанева се товари и дека сторило и кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“.
– Првообвинетиот во периодот од ноември минатата година до април годинава, искористувајќи го своето претпоставено влијание врз второобвинетото лице – јавен обвинител, влијаел да се изврши службено дејствие што не би смеело да се изврши. Тој, искористувајќи ги претходно воспоставените пријателски односи,влијаел врз второобвинетата, при спроведувањето на истражна постапка во предметот со работен наслов „Империја“, да ја олесни положбата на сведокот кој во предметот е еден од осомничените и на кого по предлог на јавниот обвинител му било определена мерка притвор. Третообвинетиот битно придонел за извршувањето на кривичното дело со договарање на континуирани средби на првообвинетиот со сопругата на сведокот, а подоцна и со сведокот, притоа уверувајќи ги во неговото влијание врз јавниот обвинител, појаснува Јавното обвинителство.
Второобвинетата ја искористила службената положба и откако првообвинетиот заедно со третообвинетиот ги добил договорените 500.000 евра од сопругата на сведокот доставила до Апелацискиот суд во Скопје предлог за определување поблага мерка – куќен притвор, кој бил прифатен. Воедно, согласно договорот, по исплатата на првите 1.000.000 евра, второобвинетата доставила писмена согласност до судот одземената патна исправа привремено да му биде вратена на сведокот.
Со преземените службени дејствија, второобвинетата ја искористила и ја пречекорила својата службена положба и овластување и за себе прибавила имотна корист во значителен износ и тоа во предмети – мебел во износ од 296.040,00 денари и пари во износ од 50.000 евра, а за противзаконито влијание другите двајца обвинети примиле награда од 1.500.000 евра. Првообвинетиот иако невработен, со блокирани трансакциски сметки и без приход, на почетокот на оваа година купувал за себе луксузен мебел, облека и обувки и престојувал во луксузни летувалишта – ресорти надвор од државата што упатува дека ги пуштил во оптек паричните средства што ги прибавил со кривичното дело „Примање награда за противзаконито влијание“.
Во рамки на случајот „Рекет“, Обвинителството отвори нова истрага која се однесува на Меѓународниот сојуз на Бојан Јовановски – Боки 13.
Обвинителство за гонење организиран криминал и корупција информира дека истрагата за „Рекет“ е проширена, односно донесена е наредба за спроведување истражна постапка против пет физички лица и едно правно лице, поради постоење основано сомнение дека првоосомничениот сторил продолжено кривично дело „измама“ и кривично дело „перење пари и други приноси од казниво дело“.