Пекинг денеска го обвини американскиот претседател Доналд Трамп дека лаже со тврдењето дека царините што ги воведе Вашингтон за увоз на стоки од Кина, имале „разурнувачки ефект“ врз кинеската економија.
– Американците кажуваат вакви невистини, не еднаш или двапати. Секогаш. Кога Кина ќе ги разобличи, САД се трудат да бидат поупорни и постојано ги повторуваат тие лаги, изјави портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Генг Шуанг.
По пропаѓањето на американско – кинеските трговски преговори пред десетина дена, Трамп воведе нови царини за увоз на производи од Кина во износ од 200 милијарди долари.
– Царините имаат разурнувачки ефект врз Кина. Луѓето ја напуштаат земјата заедно со нивните компании… Можам да ви кажам дека Кина многу сака да постигнеме (трговски) договор… Кина стана една многу слаба нација, изјави Трамп, правдајќи ја својата одлука.
Меѓутоа, критичарите на ваквите мерки тврдат дека цената на тие царини всушност ја плаќаат американските увозници и купувачи.
Како реципрочна мерка на одлуката на Вашингтон, Кина воведе царини за увоз на американски стоки во вредност од 60 милијарди долари.
– Сакам да ја предупредам американската страна да не ја преценува својата способност за ширење гласини и да не ги потценува другите. Вистинскиот дух не доаѓа со повторување на лаги и заблуди, ниту со илузии, туку само со искажување почит, додаде Генг.