Поранешната претседателка на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси вчера изјави дека некои протести во САД на кои бара прекин на огнот во Газа може да бидат поврзани со Русија и оти ФБИ треба да истражи како се финансираат.
Пелоси, ова го кажа во интервју за Си-Ен-Ен, одговарајќи на прашање дали противењето на политиката на претседателот Џо Бајден во врска со војната во Газа може да им наштети на демократите на претседателските избори во ноември. Таа не даде никаков доказ за ваквите тврдења.
– Нивниот повик за примирје е порака од (рускиот претседател) господинот (Владимир) Путин … Да не се залажуваме, ова е директно поврзано со она што тој би сакал да го види, рече Пелоси.
– Мислам дека некои од овие протести се спонтани, природни и искрени. Некои, мислам, се поврзани со Русија. Дел од финансирањето треба да се истражи и сакам да побарам од ФБИ да го истражи тоа, додаде таа.
Пелоси е првиот истакнат американски пратеник која го обвини рускиот лидер дека ги поддржува американските протести кои повикуваат на примирје.
Протести со барање за прекин на огнот во Газа неодамна беа организирани ширум САД, вклучително и во близина на аеродромите и мостовите во Њујорк и Лос Анџелес, маршеви во Вашингтон вклучително и пред Белата куќа. Демонстрантите, исто така, ги прекинуваа говорите и настаните на кои присуствуваше Бајден.
Протестите беа организирани од повеќе групи за заштите на човекови права и еврејски и антивоени организации.
Фото: МИА архива