Навистина беше шок за сите, не само за мене и за народот, туку и за целата политичка елита, вели претседателот на С. Македонија, Стево Пендаровски во интервјуто за грчката телевизија „Алфа“.
Тој додава дека на лидерската средба одржана во неделата, сите партии, без разлика дали се од власта или опозицијата биле со исти чувства и став: „испорачавме сѐ што ни беше побарано и одеднаш Европската унија ни вели уште не сме подготвени“, jави дописничката на МИА од Атина.
– Од 2009 во сите извештаи на Европската комисија и потоа во сите коминикеа од Европската унија велеа дека постои само едно нерешено прашање, долгогодишниот спор за името меѓу нас и вашата земја. Го решивме тоа со Договорот од Преспа и одеднаш Европската унија ни вели ние не сме подготвени, бидејќи пред тоа треба да направиме некои внатрешни реформи. Тоа не беше искрено, ниту праведно за сите што се длабоко инволвирани во овој процес. Сето ова, Договорот од Преспа, сите реформи, но Преспа на прво место е поради Европа. Ние сакаме да бидеме дел од Европската унија. И одеднаш никаде не ја гледаме Европската унија. Никаде ја нема Европската унија, вели Пендаровски, пренесе МИА.
Претседателот Пендаровски објаснува дека она што ќе биде на чекање сѐ додека не започнат пристапните преговори со ЕУ е делот што се однесува на внатрешната и надворешната коресподенција и употребата на новото име.
-Говорејќи за целиот пакет, веќе го имплементиравме новото име во внатрешноста и би можел да кажам дека тоа за нас беше најтешкиот дел од Договорот од Преспа, истакнува Пендаровски.
Посочува дека за неколку месеци земјата ќе влезе во НАТО и тоа е благодарение на Договорот од Преспа.
-За луѓето што и тука и таму се скептични, да повторам уште еднаш Договорот од Преспа беше главна причина зошто државите членки на Северно-атлантската алијанса рекоа „да“ за наше членство. Ако не во ноември или декември, тогаш сигурно во првите четири месеци од 2020 ќе бидеме полноправна членка на НАТО алијансата и тоа е директен производ од Договорот од Преспа, додава претседателот во интервјуто за грчката телевизија.