Претседателот Стево Пендаровски во обраќањето на Преспа форумот истакна дека војната во Украина ја врати геополитиката во фокусот, па геополитичкиот начин на размислување стана доминантен во Европската Унија по однос на прашањето на проширувањето.
– Ако војната во Украина е поводот Европската Унија да го врати интересот за проширувањето кон регионот на Западен Балкан, тогаш многу природно се наметнува прашањето – што ќе се случи кога војната во Украина ќе заврши? Дали ќе се вратиме на вообичаеното, што значи помалку внимание за Западниот Балкан како регион, и тоа не само во однос на проширувањето? Не би сакал војната да биде поттик за нешто позитивно што би требало да се случува – рече Пендаровски.
Според него, пристапниот процес кон ЕУ води до демократски развој, а без надзорот од ЕУ може да дојде до уназадување и се отвора простор за малигни влијанија. Но, додаде тој, долгото чекање за ЕУ членство води и до барање нови алтернативи и пад на поддршката за членството во ЕУ.