Претседателот Стево Пендаровски, упати честитка по повод одбележувањето на 24 Мај, Денот на словенските просветители Св. Кирил и Методиј.
– Дозволете ми да ви го честитам 24 Мај, Денот на светите браќа Кирил и Методиј. Ден посветен на словенските апостоли, заштитниците на Европа, кои ни оставија азбука, книги, но и животопис исполнет со давање и трпение, со скромност, благородност и непресушна верба.
И по повеќе од 11 векови од нивното земско битисување делото на Кирил и Методиј е се уште живо. Во 21 век, мајчиниот јазик и неговата употреба е основно човеково право кое е универзално почитувано.
Од самиот почеток, како држава, се определивме да гледаме кон иднината, верувајќи во демократските вредности и работејќи за благосостојба на сите наши граѓани. И денес сме подготвени да подадеме рака и да го делиме местото под сонцето со сите и со секого, низ взаемно почитување, пријателство и градење заедничка иднина врз основа на демократските принципи зад кои безрезервно стоиме, се вели во честитката од претседателот Пендаровски.
Празниците во последниве месеци ги одбележуваме поразлично од изминатите години, соочени со предизвикот и опасноста од корона-вирусот. Да не дозволиме да не обземат стравот и малодушноста, да истраеме и опстоиме како одговорни и солидарни граѓани.
– Празниците нека ни бидат инспириција и дополнителна мотивација за да останеме дисциплинирани, внимателни и сплотени за да ја победиме пандемијата. Ви посакувам да го поминете празникот во мир, спокојство и радост. Нека ни е честит 24 Мај, Денот на светите браќа Кирил и Методиј, стои во честитката од претседателот Пендаровски.