Зоран Заев со апел до кинескиот министер за одбрана да се забрза испораката на кинеските вакцини за земјава. Генерал Веи Фенгхе, кој со својата делегација е во официјална посета на земјава, вети дека ќе ја пренесе пораката до надлежните институции во Кина за, како што рече, да се потврди пријателството меѓу двете земји и во време на криза.

Македонија очекува 200.000 вакцини од кинескиот производител „Синофарм”. Иако првично требаше да пристигнат во февруари, пратката беше неколку пати одложена, за на крајот производителот да го врати капарот што земјава го депонираше.

Инаку, владините делегации на двете држави разговараа и за подобрување на економската соработка. Од Владата информираат дека наскоро треба да завршат и разговорите за укинување на визите, што ќе придонесе за поголем раст на трговската размена, но и туризмот.

Ресорните министри од Македонија и Кина разговараа и за соработката од доменот на одбраната, каде земјава најмногу добива помош во делот на воено образование и обука. Лани Кина донираше и заштитна медицинска опрема за македонската армија во вредност од околу 250.000 долари.

И претседателот Стево Пендаровски денеска го прими министерот за одбрана на Народна Република Кина, генерал Веи Фенгхе, кој престојува во посета на Република Македонија.

На средбата беа разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу двете земји, кои се карактеризираат со пријателство, меѓусебно разбирање и почит.

Претседателот Пендаровски истакна дека Република … Македонија, која е членка на НАТО и земја-кандидат за членство во Европската Унија, ќе соработува со Народна Република Кина во рамки на „Процесот за соработка 17+1“.

Претседателот Пендаровски се заблагодари за севкупната техничка помош доделена од Народна Република Кина која се реализира преку проекти во различни области. Посебна благодарност претседателот Пендаровски упати за доделената помош во борбата против Ковид-19, преку доделување на финансиски средства и заштитна опрема.

Претседателот Пендаровски ги истакна очекувањата за скорешно финализирање на набавката на вакцини од кинеската компанија „Синофарм“, што е од особена важност за непречена реализација на масовната имунизација на населението против Ковид-19.