Денеска, во Министерството за одбрана, со високи воени почести беше пречекан министерот за одбрана на Народна Република Кина, генералот Веи Фенгхе, кој престојува во официјална посета на Македонија.

На средбата со министерката Радмила Шекеринска беше потврдена долгогодишната билатерална одбранбена соработка, која се базира на Спогодбата за соработка од 2004 година. Одбранбената соработка помеѓу двете земји е особено активна во доменот на военото образование и обука, изучувањето на кинески воени вештини и воените спортови.

Министерката се заблагодари за кинеската поддршка во справувањето со последиците од пандемијата, која претставува предизвик за целиот свет. Народна Република Кина во јули 2020 година за Армијата донираше заштитна медицинска опрема составена од заштитни маски, заштитни очила, визири, заштитни одела, ракавици, инфузиски пумпи, термометри и термални шлемови, во вкупна вредност од околу 250.000 долари.

„Ниту една земја не може да изгради ѕидови и да се заштити од пандемијата доколку целиот свет не се заштити. Само кога сите заедно се бориме со истиот непријател, ќе имаме подобри и побрзи резултати”, рече министерката и ја искористи можноста за да побара од министерот Фенгхе побрза испорака на кинеските вакцини во нашата земја.

Кинескиот министер за одбрана на средбата порача дека одбранбената соработка меѓу Кина и Македонија е добра, но постои простор за зајакнување на соработката во школувањето и воената обука, справувањето со кризи, во мировните операции и обуката на специјалните сили.

„70 земји во светот ја одобрија уптребата на кинеските вакцини. Во Кина 100 милиони луѓе се вакцинирани. Како одговорна земја, Кина сака да придонесе да се доведе пандемијата под контрола“, рече кинескиот министер за одбрана Веи Фенгхе и најави дека ќе се заложи за побрза испорака на кинеските вакцини во Македонија. Министерот најави и можност за поддршка на македонската Армија со кинески вакцини.

На состанокот, министерката Шекеринска и нејзиниот кинески колега Фенгхе се заложија за заеднички и здружен одговор на светот пред предизвиците на глобално ниво.

Официјалната посета на министерот Фенгхе на Македонија, продолжи со средби со премиерот Зоран Заев и претседателот Стево Пендаровски.