Од штабот на Пендаровски првично се согласиле, па подоцна се предомислиле за денешното соочување на претседателскиот кандидат на СДСМ и ДУИ со противкандидатката Гордана Силјановска-Давкова закажано за денеска во терминот за емисијата Отворено со Искра Коровешовска. Еве што ТВ Алфа извести за ова:
„Во првиот круг од претседателските избори, телевизија Алфа се одлучи за индивидуални претставувања на кандидатите преку интервјуа во рамките на емисијата Отворено.
ТВ дуелот на двајцата кандидати кои би влегле во вториот круг, го планиравме за вториот дел од кампањата. Токму затоа уште во текот на првиот дел од кампањата, телевизија Алфа ги покани кандидатите за ТВ соочување со наведени датуми и термини согласно нашата програмска шема, при што добивме потврден одговор од сите штабови на кандидати кои ги поканивме.
Кога заврши првиот изборен круг, телевизија Алфа емитуваше рекламен спот со најава со однапред договорениот термин, за ТВ соочување меѓу Силјановска-Давкова и Пендаровски, кандидатите кои ја продолжија претседателската трка.
Но од необјасниви причини, уште првиот ден од емитувањето на рекламниот спот, од штабот на кандидатот Стево Пендатовски не’ известија дека тој сепак нема да присуствува на ТВ дуелот. ТВ Алфа побара објаснување, но до денеска, не доби.“
Ова откажување на Пендаровски станува веќе симптоматично со оглед на тоа што претходно веќе го избегна соочувањето со Силјановска на ТВ Телма.