Претседателот на државата Стево Пендаровски денеска се обрати на онлајн самитот на лидери и шефови на влади на земјите-членки на Основачката група за формирање Специјален трибунал за казнивост на кривичното дело агресија против Украина. Тој напомена дека Северна Македонија постојано ја истакнува важноста за постоење независен и ефективен Меѓународен кривичен суд.

Како што рече Пендаровски, светот е исправен пред нова историска пресвртница од крајот на Студената војна. Употребата на сила од страна на Русија против суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина е акт на агресија со јасно кршење на член 2 став 4 од Повелбата на ОН и бесрамен предизвик за меѓународниот правен поредок.

-Очигледно е дека мора да се обезбеди целосна одговорност за воените и сите други злосторства поврзани со војната на Русија, вклучително и одговорност за злосторствата на агресија. Целосно ја поддржуваме Заедничката изјава за формирање на Специјалниот трибунал како меѓународен механизам кој има за цел да ги гони злосторствата на агресија извршени од страна на Руската Федерација против Украина. Нашата земја се приклучи кон групата и го поддржува формирањето на Специјален трибунал кој ќе ги истражува и гони сите злосторства на агресија и да ги изведе сторителите пред лицето на правдата согласно меѓународното право, рече претседателот.

 

Земјава, потенцира, уште од самиот почеток најостро ја осуди нелегалната инвазија од Русија.

-Можам да ве уверам дека поддршката на С. Македонија за независноста и територијалниот интегритет на Украина е непоколеблива. Мораме да бидеме обединети и солидарни со Украина, бидејќи Украинците не само што ја бранат својата земја, туку ги бранат и основните начела на Повелбата на ОН. Изразувам уверување кон нашите украински пријатели дека, заедно со нашите меѓународни партнери, ќе направиме се за Украина да успее, меѓународното право да се почитува и мирот и територијалниот интегритет на Украина да бидат целосно вратени во рамките на нејзините меѓународно признаени граници, подвлече Пендаровски.

 

Според него, сите генерации на повоени европски политичари беа уверени дека нашиот континент никогаш повеќе не треба да биде сведок на ваква страшна трагедија.

-Денеска се одбележува 78-мата годишнина од крајот на катастрофалната Втора светска војна. Повоениот период создаде услови за длабока трансформација на светот во меѓународен правен поредок со либерални вредности и ефективни меѓународни институции. Сите генерации на повоени европски политичари беа уверени дека нашиот континент никогаш повеќе не треба да биде сведок на ваква страшна трагедија. За жал, овој Самит се одржува во време на невидени предизвици за безбедносната архитектура на Европа, поттикнати од нелегалната инвазија на Русија врз Украина, нагласи Пендаровски во обраќањето.