Потребен е системски и неповратен напредок за одржување на демократијата на Балканот. За тоа е потребна рамка со најмалку пет компоненти, правна, политичка, економска, безбедност и разузнавање, истакна денеска претседателот на државата Стево Пендаровски.
На сесијата „Мир и демократија наспроти војна и автократија“, која е дел од од Преспа форумот за дијалог (ПФД) насловен „Проширено европско семејство до 2030: (не)возможна мисија?” што се одржува во Струга шефот на државата, подвлече дека првите три компоненти најдобро ќе ги обезбеди ЕУ, а следните две би ги поддржала НАТО Алијансата.
– Ние изразиваме многу на Самитот за демократија поддржан од ЕУ и од самиот почеток го цениме она што е дел од европската иницијатива за демократија што го вклучува Западен Балкан. Но, според мене еднократните настани не можат да ја одржат демократијата, можат да послужат само како поттик и не можат да бидат основата на заедничките заложби за демократија, истакна Пендаровски, говорејќи за тоа што евроатлантската заедница треба да направи за да ја поддржи демократијата на Балканот.
Според претседателот на државата технологијата, а особено вештачката интелегенција не може да промовираат демократија.
– Модерните технологии нудат многу повеќе простор за манипулација на луѓето и за многу побрзо нивно информирање, како и користење најразлични извори на информации. Многу држави и меѓунардоните организации треба да почнат што е можно побрзо со регулирање на оваа област. Прво преку лиценцирање на ентитетите кои учествуваат на социјалните медиуми, барање на ботовите и индивидуална одговорности за поеднците кои пласираат содржини на социјалните медиуми, рече Пендаровски.
Во однос на тезата дека со Украина се смени геополитиката и се врати фокусот на демократијата, шефот на државата се согласи со првиот дел, но делумно не се согласи вториот.
– Војната секако го стави фокусот на геополитиката, но не сум баш сигурен дека воопшто го врати фокусот на демократијата барем на континентот. Според мене војната во Украина беше предизвикана од размислувањето и желбата да се врати поранешниот сојуз, бидејќи во суштина ова е војна за територија. ЕУ според мене не ја разгледува оваа дихотомија како што е именуван насловот на овој панел демократија против автократија и се согласувам дека многу истражувачи, институции и практичари со години го документирале уназадувањето на различни делови на континентот и целиот свет на автократија, но тоа не е поврзано со војната во Украина, истакна претседателот Пендаровски.
Доминантноста на геополитичкиот начин на размислување во дел од ЕУ, нагласи, несомнено се случува во изминатите 18 до 20 месеци и, според него, тоа е за загрижување.
– Овој начин на размислување е прилично сличен на начинот на размислување на НАТО. Геополитичкото резонирање зад политиките за проширување. Зошто ова ме загрижува? Бидејќи НАТО пред се е безбедносна организација. Внатрешната структура на ЕУ е малку поинаква од онаа на НАТО сојузот и доколку војната во Украина е поттик за влез во геополитички начин на размислување и поттик да се навратиме на регионот и да се стави повеќе тензија на процесот на проширување на овој регион на Западен Балкан, тогаш природно следува прашањето што ќе се случи кога ќе заврши војната во Украина. Дали ќе се вратиме на вообичаениот начин на функционирање. Што значи помалку внимание на Западен Балкан и на процесот на проширување, рече Пендаровски.
Тој смета дека бавниот чекор на евроинтеграцијата е закана за Балканот и забележа дека е време за преговорите со ЕУ, за членство и напредок на демократијата.
– Со други зборови без надзор од ЕУ уназадувањето е очигледно и во многу случаи неизбежно. Откако толку долго бевме во чекалната на ЕУ, луѓето во С. Македонија бараат алтернативи на тоа. Тоа се преведува со остриот пад во ентузијазмот за ЕУ. Ние забележавме најостар пад во поддршката за ЕУ од нашиот народ. Пад од 25 отсто. Доколку нема преговори ова отвора простор за злонамерните влијание од трети фактори, односно надворешни регионални сили, бидејќи земјата што се наоѓа во таква ситуација не е дел од заедничкото споделување информации и не е дел од формалните механизмите за споделување во кризи, подвлече Пендаровски.
На сесијата „Мир и демократија наспроти војна и автократија“, покрај домаќинот, претседателот Пендаровски учествуваат и претседателите на Хрватска Зоран Милановиќ, на Црна Гора Јаков Милатовиќ и на Албанија Бајрам Бегај, а видео обраќање имаше и генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг.