Амнестијата за 27 април да ги опфати и т.н организатори. Вељановски, Јанакиески, Ристовски и Атанасовски, очекуваат слобода бидејќи ниту биле дел од толпата ниту пак сториле насилство во собранието. Сите четворица повторно седнаа во судница како обвинети за собранискиот упад откако апелација ја укина пресудата и нареди ново судење бидејќи Кривичен ги занемарил барањата за амнестија.

„Законот за амнестија е применет за петмина пратеници. Но, за пратеникот Трајко Вељановски истото не важи и тој сака да се третира како службено лице. Миле Јанакиески нема никакви овластувања и не се третира како што од обвинителството се третираше во поднесените мислења по донесување на овој закон“, вели Еленко Миланов, Адвокат.

Судот и обвинителството денеска повторно ги отфрлија барањата за аменестија. Законот не ги опфаќал обвинетите. Дали може да се примени и за нив, сега ќе одлучува Апелација која претходно забележа дека во пресудата, Кривичниот суд недоволно образложил зошто одбива амнестија за поранешниот собраниски спикер, двајцата министри и директорот на УБК.

„Сметам апсолутно дека во конкретниот случај во однос на Трајко Вељановски, Спиро Ристовски и Миле Јанакиески, Законот за амнестија е во целост применлив и треба и мора да биде применет. Токму економичноста на постапката е она поради што тој треба да биде применет во оваа фаза, а не за истото да се одлучи по фаза на пресудување“, вели Миланов.

Следното рочиште ќе се одржи на шести јули, а дотогаш и Апелација ќе треба да утврди дали амнестијата може да се примени и за овој предмет. Со претходната пресуда, обвинетите беа осудени на затворски казни во траење од шест години.