Секоја земја кандидат треба да се вреднува според индивидуалниот напредок, а С. Македонија ги има исполнето критериумите и треба да биде соодветно вреднувана за тоа. Летонија е силен поддржувач на С. Македонија во ЕУ, оваа порака вчера ја испратија  претседателот Стево Пендаровски и неговиот летонскиот колега Егилс Левиц, кој престојуваше во официјална посета на земјава.

Ставот на Пендаровски е дека треба да се концентрираме на вистинските, реални критериуми за влез во Европската Унија, а не доминантно на решавање на историските прашања.

– Ако се концентрираме предоминантно на решавање на историските контроверзи, никогаш нема да се договориме. Ако се концентрираме на она што е вистински реален критериум за влез во ЕУ – владеењето на правото, борбата против корупцијата, човековите слободи и права, ние можеме многу брзо да дојдеме до заеднички прифатлива солуција. Ако зборуваме дали во 11 век, Самуил бил Бугарин, Македонец, Ерменец итн., никогаш нема да се усогласиме. Историјата на историчарите. Јас, колегата Радев, сите ние не сме бирани на избори за да решаваме кој каква националност бил во времето на Самуиловото Царство. Ние сме избрани од граѓаните да ги решаваме сегашните проблеми – стандард на живеење, инвестиции, подобар живот, порача Пендаровски.

Во однос на вметнувањето на Бугарите во Уставот, Пендаровски рече дека постои политичка волја и од страна на власта и од страна на опозицијата. Според него, останува прашање на време кога тоа да се направи и која е гаранцијата дека потоа тоа нема некоја идна бугарска влада да бара повторно промена на Устав или некои други политички барања.

– Мислам дека еден од начините на кој може да се пријде на тоа прашање со намера да се реши, е преспанската формула, потенцира Пендаровски.

Претседателот Левица соопшти дека Летонија секогаш давала поддршка на проширувањето на ЕУ во регионот на Западен Балкан, како поради стратешки причини, така и поради политички и економски причини, а сега особено во изминатите недели и месеци има една дополнителна причина, а тоа е безбедносната причина.

– ЕУ исто така е унија на демократски држави, кои размислуваат еднакво и тоа има реперкусии и врз безбедносната состојба во Европа и заради геополитичките причини ние даваме силна поддршка на проширувањето и сметаме дека секоја земја кандидат треба да се вреднува според индивидуалниот напредок. Гледаме дека С. Македонија ги има исполнето критериумите и треба да биде соодветно вреднувана за тоа. Летонија е силен поддржувач на С. Македонија во ЕУ, рече Левиц.

Тој смета дека новата состојба во Европа ќе води исто така и кон поголема отвореност на ЕУ во врска со проширувањето и пристапувањето на Македонија затоа што, како што рече, тука се работи и за прашање на кредибилност на ЕУ. – И ние мора да ги одржиме нашите ветувања, а Летонија секогаш давала поддршка на оваа позиција, рече Левиц, нагласувајќи дека Македонија припаѓа на ЕУ.

Левиц смета дека историските спорови треба да се остават на страна и дека тие не треба да бидат причина за да се оспори капацитетот на една земја да го продолжи патот кон Европската унија.

Премиерот Димитар Ковачевски и Левиц, пак, нагласија дека е од витално значење да се продолжи со процесот на евроинтеграција на Македонија со одржување на Меѓувладина конференција што е можно поскоро и дека прашањата со Бугарија треба да се решат по пат на дијалог и разбирање, надвор од пристапниот процес.

Ковачевски и Левиц порачаа дека членството на Западен Балкан во Европската Унија е прашање на гео-политичка одржливост за самата ЕУ во време и во околностите предизвикани со руската инвазија на Украина.

Со соседните држави, смета Ковачевски, треба да градиме мостови на пријателство, треба да гледаме кон иднината. Според него, ако се навраќаме на личности од минатото за кои има различно мислење во различните држави, тоа нема да биде во ничија корист и само ќе влијае на лоши односи помеѓу граѓаните и помеѓу двете држави.

-Ние сме држава која што е определена за членство во ЕУ и која што низ дијалог тоа планира да го направи и се разбира дека сите земји членки на ЕУ треба да ја одобрат преговарачката рамка на Република Северна Македонија што е можно поскоро, истакна Ковачевски.

Со Бугарија, потенцира премиерот, решението треба да се бара и да се базира врз основа на  европските вредности, на задржување на достоинството на граѓаните на двете држави, на нивна заемна почит, но и почит помеѓу политичарите, така и сите институции и во Република Бугарија и во Република Македонија.

– Доколку решението и разговорите не ги водиме на тие принципи тогаш е многу тешко да се дојде до решение. Се надевам дека постои простор да седнеме и на база на такви принципи да ги водиме во иднина разговорите, истакна премерот Ковачевски.