Претседателот Стево Пендаровски денеска во Париз, во рамки на учеството на петтиот Париски мировен форум, оствари средба со претседателот на Република Естонија, Алар Карис, на која беа потврдени пријателството и соработката помеѓу Македонија и Естонија и беше нагласено дека постои добро ниво на политички дијалог меѓу двете држави.
– Посочувајќи дека Естонија е наш долгогодишен партнер во ОН, ЕУ, НАТО и ОБСЕ, претседателот Пендаровски истакна дека С. Македонија високо ја цени естонската силна и гласна поддршка за македонската европска интеграција, како и соработката на меѓународните форуми. Претседателот Пендаровски изрази задоволство од досегашната соработка во областа на дигитализацијата и го изрази нашиот интерес да го имплементираме естонското искуство во оваа област, соопшти Кабинетот на Пендаровски.
На средбата се разговараше и за геополитичката ситуација, во контекст на војната во Украина, со осврт на состојбите и безбедносните импликации врз балтичките и балканските држави, при што двајцата претседатели ја поздравија одличната соработка во рамки на НАТО.
Пендаровски: Благодарност за романската поддршка за С. Македонија во ЕУ
Севкупните билатерални односи меѓу двете земји што се карактеризираат со конструктивен и отворен политички дијалог, базирани на пријателство и меѓусебна почит беа тема на разговор на денешната средба на маргините на 5. издание на Парискиот мировен форум меѓу претседателот Стево Пендаровски и неговиот романски колега Клаус Јоханис.
-Двајцата претседатели разговараа за европската перспектива и за актуелностите во процесот на македонската евроинтеграција. Претседателот Пендаровски упати благодарност за романската поддршка и истакна дека С. Македонија останува посветена на европскиот пат и остварувањето на стратешката цел – членство во Европската Унија, соопшти Кабинетот на Пендаровски.
Стана збор и за случувањата во регионот во однос на руската инвазија врз Украина, како и влијанијата врз поширокото соседство, при што истакнаа дека двете држави, како членки на НАТО, демонстрираат единство и меѓусебна соработка.