Пуштањето во употреба на гасниот интерконектор Грција – Бугарија е значаен настан, бидејќи се случува во клучен момент, кога нашиот регион и континентот се соочуваат со изгледите за тешка зима, зголемена инфлација и преголема невработеност, изјави денеска во Софија претседателот Стево Пендаровски во обраќањето на церемонијата по повод почетокот на комерцијалната работа на гасниот интерконектор Грција – Бугарија (ИГБ).
– Интерконекторот отвора нова, сигурна порта за диверзифициран природен гас, не само за земјите домаќини, туку, во крајна линија, и за Југоисточна Европа, додаде шефот на државата.
Пендаровски потенцира дека овој настан се случува во време на повеќекратни кризи кои, за жал, меѓусебно се засилуваат.
– Во времето кога светот постепено се опоравуваше од разорните ефекти на пандемијата, неодговорната руска агресија во Украина предизвика енергетска криза со огромно социо-економско влијание, истакна претседателот на Републиката.
Тој му упати честитки на Азербејџан за конструктивната улога во текот на целиот потфат и ги поздрави Грција и Бугарија, што се подготвени да ја прошират енергетската инфраструктура во нашиот регион.
– Јасно е, колку сме повеќе меѓусебно поврзани, толку поотпорни ќе бидеме на енергетските предизвици од секаков вид. За да обезбеди одржлив развој и да ги задоволи потребите на бизнисите и домаќинствата, С. Македонија мора да стане дел од оваа мрежа за природен гас. Оттука, подготвени сме да ги направиме сите неопходни чекори во таа насока, потенцира Пендаровски.
Според него, за да се постави сето ова во поширока перспектива, заедно со посилна регионална соработка, итно ни е потребна и поголема европска солидарност.
– Паневропската солидарност на дело може да ги ублажи ефектите од акумулираниот евроскептицизам, нуспроизвод на долготрајната европска интеграција. Нашите граѓани очекуваат помалку реторика и поконкретна поддршка. Во вакви околности, најдобриот начин за ублажување на негативните последици врз нашите економии е Европската Унија да го одобри нашето пристапување во нејзините механизми, фондови и инструменти за управување со кризи, рече шефот на државата.
Пендаровски потенцира дека ако нашата иднина е во Обединета Европа, цела и слободна, како што е кажано многу пати, време е да се намали меѓудржавната конкуренција, да се погледне малку подалеку од тесните национални интереси и да се зајакне солидарноста и соработката како единствен излез од оваа невидена глобална ситуација со која се соочуваме.
– Ова е идеална можност слоганот „Заедно сме посилни“ конечно да се материјализира, со заеднички напори на сите нас, заклучи претседателот Пендаровски во обраќањето на церемонијата што се одржа во Националната палата на културата во Софија.
На настанот покрај Пендаровски, присуствуваа и претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, претседателите на Азербејџан и на Србија, Илхам Алијев и Александар Вучиќ и премиерите на Грција и на Романија, Киријакос Мицотакис и Николае-Јонел Чука.
Гасниот интерконектор ИГБ ја поврзува мрежата за пренос на природен гас на Грција во близина на градот Комотини со бугарската преносна мрежа во близина на градот Стара Загора. Имплементацијата на проектот има за цел да обезбеди диверзификација, не само на рутите, туку и на изворите на природен гас за Бугарија и поширокиот регион.
Овој интерконектор за земјава има и дополнително значење, бидејќи ќе ни овозможи пристап и до складиштето за природен гас во Чилен во Бугарија, преку кој може да набавуваме ЛНГ (Liquified Natural Gas) од терминалот во грчкиот град Александрополис, а во текот на летото кога е поевтин и да го складираме во Бугарија, со можност да го користиме на зима кога е најпотребен. Диверсификацијата на изворите со природен гас, треба да обезбеди сигурност во снабдувањето со природен гас за земјава на среден и долг рок, како и одлична можност за зголемување на перформансите на домашната економија, која може да биде конкурентна со земјите од регионот.
Инаку, за време на престојот во Софија, Пендаровски се сретна со претседателката на Европската комисија, Фон дер Лајен, а ќе има средби и со неговиот бугарски колега Радев. Покрај ова, најавена е и заедничка трилатерална средба на Пендаровски, Радев и Фон дер лајен. Претседателот Пендаровски ќе го посети и местото на автобуската несреќа на автопатот „Струма“, во која на 23 ноември 2021 година загинаа 45 македонски граѓани, каде ќе положи цвеќе.