Посетата на папата е убав повод да се сплотиме и политичките разлики да ги оставиме настрана, бидејќи ова е наша татковина – резервна немаме. Тука ќе останеме да живееме наспроти сите разлики кои ги имаме меѓу себе, изјави новоизбраниот претседател Стево Пендаровски.
-Ова се убави поводи да се сплотиме и оние стандард политички разлики да ги оставиме на страна и навистина се заложиме за тоа што ни е најважно, тоа е – ова ни е наша татковина – резервна немаме, тука ќе останеме да живееме наспроти сите разлики кои ги имаме меѓу себе. На политички план мислам дека треба да се договориме околу битни работи. Мислам дека на сите ни е најважно овде да живееме во мир, разбирање со респект еден кон друг. Се надевам дека од денеска натаму и ова ќе биде повод плус да размислиме на таа тема, рече Пендаровски.
Во изјава за ТВ24 вели дека ова е повод за сплотување, а власта и опозицијата да работат за она што е најважно, за државата и покрај политичките разлики.
Новоизбраниот претседател, кој присуствуваше на обраќањето на папата Франциск во „Вила Водно“ не сакаше да го коментира говорот на претседателот Иванов.
-Јас не би сакал овој повод сега, овој значаен настан за Македонија, да го користиме за влез во дневна политика. Мислам дека треба да останеме на ова што беше главна порака на папата. Мислам дека во таа насока треба сите да се концентрираме и да го проследиме со внимание неговиот говор сега, истакна Пендаровски.