Претседателот Стево Пендаровски потврди дека Полкот за специјални операции повеќе нема да постои и ќе се трансформирал во Баталјон за специјални сили.
Ова е одговорот на Пендаровски на прашањата на ТВ Алфа, откако професорот Александар Нацев викендов ја крена на нозе јавноста, обвинувајќи дека Пендаровски и Радмила Шеќеринска имале своја агенда за расформирање на најелитниот состав во АРМ.
-Полкот за специјални операции не се расформира, туку се трансформира во Баталјон на специјални сили, кој ќе биде потчинет на Оперативната команда, а не како досега на Генералштабот, велат од Кабинетот на Пендаровски.
Нацев предупреди дека планот на Пендаровски и министерката за дбрана Шеќеринска бил дел од договор меѓу коалициските партнери СДСМ и ДУИ, со цел во батаљонот за специјалните намени „Волци“ да се примаат само кадри што ќе бидат одобрени од ДУИ.
Од кабинетот, не го демантираат ова. Велат ќе била обезбедена соодветна правична застапеност на сите заедници во државата.
-Соодветната и правична застапеност на сите заедници во Армијата е принцип кој мора да се зачува. Иако претседателот нема надлежност над поединечните конкурси за вработување на припадници на Армијата, како врховен командант поддржува политики преку кои ќе се овозможи соодветна и правична застапеност на сите заедници во Армијата и принципот – кој и да е војник, на кое било место на кое ќе конкурира да биде избран исклучиво врз основа на своите способности, велат од кабинетот на Пендаровски за ТВ Алфа.
Ваквите информации за политички тактизирања не се единствените. Договорот на двоецот Заев – Ахмети за партиски вработувања на лица блиски до ДУИ направи раздор и во Агенцијата за национална безбедност каде за малцинствата дури беше намален и прагот на бодување за вработување на новите кандидати, објавува телевизијата.