Претседателот Стево Пендаровски синоќа преку Фејсбук ги осуди насилните протести против францускиот предлог во Скопје.
– Вечерашното интервју на ТВ 21 го одложивме поради тоа што околу телевизијата која се наоѓа во непосредна близина на Собранието беше воспоставен посебен сообраќаен режим. Во оваа прилика сакам да го осудам насилството како метод во политиката што не би требало да има место во современите демократии, напиша Пендаровски.
Претходно, телевизијата соопшти дека интервјуто со претседателот Пендаровски е одложено поради ескалацијата на протестите пред Собранието во чија непосредна близина се наоѓа овој медиум.
– Интервјуто со претседателот Стево Пендаровски вечерва се одложува поради безбедносни причини. Имено, ТВ21 се наоѓа во непосредна близина на Собранието каде вечерва ескалираше ситуацијата и протестите станаа насилни, информираа синоќа од ТВ 21.