Стево Пендаровски се чувствувал понижено од критиките од ЕУ и САД и бил свесен дека Македонија не била подготвена за влез во Европската Унија, пренесува ТВ АЛФА. Овие пораки од македонскиот претседател ни стигнуваат во време кога истиот тој секојдневно ја убедува јавноста дека мора да се направи уште една отстапка по бугарско барање, а со цел напредок кон ЕУ.

Според него состојбите не биле подобри ниту минативе години, но од Брисел не пристигнувала критиката. Според македонскиот претседател ние со реформите сме затајувале и претходно, а ЕУ била таа која требала да ни каже дека сме морале да се реформираме.

-Вакви директни критики не сме имале изминативе, а имаше поводи. Понижувачки е за секој од нас и ние што сме на јавна функција во овој период и оние што биле пред нас на јавни функции години и години, а не помогнале да се подобрат состојбите, меѓутоа велам дека како држава ние сме во прилично лоша состојба особено во делот на клучниот принцип по мене, по кој се проценува подготвеноста за членство во ЕУ, тоа е владеење на правото, изјави Пендаровски.

Една од најголемите болки на државава, се условите во правосудството, за кое секојдневно ни стигнуваат критики од ЕУ и САД. Пендаровски е свесен за состојбата и порача дека одговорноста треба да се бара кај политичарите од власта.

-Наместо реторика, просто дадете пример вие, со тоа што вие нема да се јавувате никаде. Начелно зборувам за сите политичари кои што се на функција, ресорни министри, претседатели, премиери, градоначалници, зборам за оние кои се избрани од граѓаните, бизнисот е посебна ситуација, изјави Пендаровски.

Пендаровски не е изненаден од одлуката на Холандија да ги скрати финансиите за унапредување на работата на Судскиот совет. Вели холандиските власти морале пред своите да обајснуваат зошто даваат пари за нешто што на крајот е без никаков успех.

-Холандската Влада вели се повлекуваме од еден голем проект со Судскиот совет, бидејќи Судскиот совет не работи согласно европските принципи и ние не сакаме да ги трошиме парите на холандските даночни обврзници, изјави Пендаровски.