Претседателот Стево Пендаровски денеска оствари средба со заменик помошникот државен секретар на Соединетите Американски Држави, Габриел Ескобар, на која, како што информираат, биле разменети мислења за севкупните билатерални односи помеѓу Македонија и САД, како и за состојбите во регионот.
На средбата, Пендаровски, како што информираат од неговиот кабинет, оценил дека двете држави во континуитет негуваат продуктивен политички дијалог и изразил уверување дека билатералните односи ќе продолжат да се развиваат со уште посилна динамика.
Пендаровски, исто така, ја истакнал и важноста на силната и континуирана поддршка од САД во остварувањето на стратешките цели на нашата држава, од прогласувањето на независноста до денес.
Во однос на аспирациите за членство во Европската Унија, претседателот Пендаровски го реафирмираше очекувањето за скорешен почеток на пристапните преговори за членство, истакнувајќи дека деблокирањето на интегративниот процес позитивно ќе се одрази на севкупната стабилност и развојот на регионот. Во тој контекст, претседателот Пендаровски се заблагодари за поддршката на американската администрација, и лично на заменикот помошник државен секретар Ескобар, во однос на потребата за напредокот на земјите од регионот кон ЕУ.
На средбата, се вели во соопштението, Пендаровски ја истакнал „посветеноста на РС Македонија, како најнова членка на НАТО, да придонесе за колективната безбедност и одбрана на вредностите на евро-атлантската заедница“.
Пендаровски, исто така, се заблагодарил на поканата за учество на виртуелниот Самит за демократија, во организација на претседателот на САД, Џо Бајден, што ќе се одржи на 9 и 10 декември 2021 година.