Претседателот Стево Пендаровски вели дека францускиот предлог може да биде добра основа за компромис со кој Северна Македонија ќе може да влезе во преговарачкиот процес со ЕУ, но смета дека на прашања како историските не им е местото во Преговарачката рамка.
Во интервју за ТВ24, Пендаровски откри дека Бугарија не бара Бугарите да бидат наведени само во Преамбулата на Уставот, туку и во неговиот нормативен дел. Пендаровски вели дека ниту една заедница во државата не е внесена во нормативниот дел на Уставот, па оттука не е можно да влезат ниту Бугарите. Во нормативниот дел на Уставот сега се споменуваат само македонскиот народ, Македонците кои живеат надвор од границите на државата, МПЦ и Исламската верска заедница.
Притоа, тој вели дека Софија не зборува за „Бугари“, туку за „македонски Бугари“, нешто што тој го толкува како враќање кон „срамната теза“ за дебугаризација на Македонија.
Шефот на државата вели дека е неприфатливо во преговарачката рамка со ЕУ да влезат историски прашања и оспорување на јазикот.
„Никакво чепкање и ревизија на историјата. Јазик и историја не! Ќе има комисија, но напредокот во нејзината работа на ниту еден начин нема да биде предуслов за напредок кон ЕУ“, вели Пендаровски.
Претседателот Стево Пендаровски смета дека има координирана државна политика меѓу бугарските власти и Бугарската православна црква (БПЦ).
-Денеска ја видов одлуката на БПЦ дека ја признаваат црквата на „Северна Македонија“. Замислете дека безобразието оди до таму, да последната реченица од тоа кусо соопштение вели дека ќе размислиме околу дефинитивното име. Тие велат дека ја признаваат црквата во Северна Македонија, а за нејзиното име ќе размислиме во следниот период. Кои сте вие да размислувате?, порача Пендаровски во емисијата „24 анализа“.
Инаку на 9 мај, Вселенската патријарпија ај призна „црквата од Охрид“ императивно наведувајќи дека таа се обврзала дека нема да го употребува името Македонија или придабката „Македонска“. Пендаровски тогаш не рече дека тоа е безобразие.