Предлог за забрана за влез во државата на еден пратеник од Бугарија дал претседателот Стево Пендаровски, откри тој по седницата на Советот за безбедност во вилата Водно, која се одржа попладнево.
Пендаровски, напоменувајќи дека тој според неговите надлежности може само да предложи ваква мерка, рече дека предлогот за забрана на влезот во Македонија се однесувал на повеќе лица од Бугарија, меѓу кои и еден пратеник на земјата во Европскиот парламент.
На седницата на Советот за безбедност се зборувало за состојбата на Косово и во Украина, за претседавањето со ОБСЕ, но и за актуелните случувања во односите со Бугарија, рече Пендаровски.
Според претседателот, во Бугарија се мобилизирани структури кои на 4 февруари ќе организираат група од Бугарија која ќе пристигне во земјава на одбележување на годишнината од смртта на Гоце Делчев. Претседателот рече дека ова е настан од висок безбедносен ризик, поради кој ќе бидат преземени сите потребни безбедносни мерки – од границата, сѐ до гробот на Гоце Делчев во скопската црква Свети Спас.
„Во ситуација на организирани антидржавни кампањи од политички партии и поединци можеме да одговориме на два начина. Првин, со културна дипломатска реторика како и досега, и тој круг на провокации кој често не останува само на зборови и продолжува со насилство нема да заврши, но ние нема да прекинеме. Второ, со мерки која секоја сериозна држава ги презема во вакви ситуации. Мој предлог до Владата е да му забранат влез во нашата земја на еден бугарски европратеник и на неколку друг државјани на Бугарија заради дејствијата кои што порано ги преземале и сè уште ги преземаат против нашата држава. Да ве потсетам, не се чекаше минатата година, на тројца бугарски државјани им беше откажан престој. Еден од нив е посебно гласен во врска со настанот на 4 февруари. Другите двајца беа кобајаги новинари, им беше откажан престој и им беше забранет влез во Македонија во наредните шест месеци. Реакции имаше. Не можам да одам во детали, само ќе ви кажам дека дел од овие структури и лица се надоврзани на руската разузнавачка служба“, кажа Пендаровски по денешната седница на Советот за национална безбедност.
Пендаровски рече дека пристапот на нашата држава кон ваквите ситуации ќе продолжи да биде дипломатски.