Македонската јавност треба да знае дека претседателот на главната опозициона партија се смета себеси за наследник на Ванчо Михајлов. Да повторам уште еднаш – значи Христијан Мицкоски вели дека Ванчо Михајлов бил претседател на историското ВМРО – тоа е на денешното ВМРО. Тоа било исто. Ако тој се чувствува, како што се чувствувал Ванчо Михајлов, како наследник негов, значи и тој е етнички Бугарин, одговори Пендаровски откако од граѓаните беше прашан да коментира за тврдењето дека изјавил дека Гоце Делчев бил Бугарин.
Зборувајќи пред граѓаните на Ѓорче Петров, претседателскиот кандидат Стево Пендаровски рече дека актуелната владејачка гарнитура досега направила грешки, но тие биле поединечни и без зла намера. „Но споредбено со опозицијата, нашите грешки се минорни” истакна тој.
– Успеавме да склучиме договори и да решиме децениски проблем со нашиот јужен сосед. Влеговме во НАТО, најмоќната воена организација и добивме гаранција за безбедноста. Ги почнавме преговорите со ЕУ и притоа не го изгубивме нашиот идентитет, си го зачувавме јазикот – потенцираше Пендаровски и додаде дека внатрешните кочничари, главната опозициска партија од неразбирливи причини сака да ги укине сите договори, да дојде на власт и на народот да му продава магла.
Во интеракција со граѓаните Пендаровски беше прашан за коментар во однос на тврдењето на ВМРО-ДПМНЕ дека изјавил дека Гоце Делчев е Бугарин, на што Пендаровски одговори дека и овој пат опозицијата лаже.
– Не памeтам во последните 20 години дека првите луѓе на таа политичка партија кажале барем еднаш вистина. Значи дали некој се чувствува како Бугарин или како Македонец, тоа е лично чувство и во тоа не се задира. Меѓутоа кој како се декларирал. Тоа можеме да го видиме од бројните барања во нивното раководство каде што повеќе од половината во нивниот извршен комитет имаат бугарски пасоши и државјанства и таму пишуваат дека се од дедо и прадедо Бугари. Значи за што сакаат да зборуваме? За тоа дека половина Извршен Комитет му се Бугари, затоа што се декларирани како такви или за тоа што се случило пред 120 години? Ако тие негови најблиски соработници во 2024 година или 2020 година се декларираат како Бугари, што очекуваме во време кога не постоела македонска држава, кога ние не сме можеле слободно да ја изразиме нашата волја? Македонската јавност треба да знае дека претседателот на главната опозициона партија се смета себеси за наследник на Ванчо Михајлов. Да повторам уште еднаш – значи Христијан Мицкоски вели дека Ванчо Михајлов бил претседател на историското ВМРО – тоа е на денешното ВМРО. Тоа било исто. Ако тој се чувствува, како што се чувствувал Ванчо Михајлов, како наследник негов, значи и тој е етнички Бугарин – одговори Пендаровски.
Во однос на изјава на главната негова опонентка, Силјановска Давкова дека не го познава како студент, Пендаровски одговори дека не ја познава ниту тој од правниот факултет.
– Само еден семестар нејзиниот сопруг беше помлад асистент. Бидејќи нејзиниот сопруг не ги исполни академските критериуми за унапредување, го поставија неколку месеци за библиотекар на Правниот факултет. Потоа тој го напушти комплетно факултетот, се посвети на приватниот бизнис, му дадоа фри шоп на српска граница и тие станаа мултимилионери – заклучи Пендаровски.
Тој вечерва ги повика жителите на Ѓорче Петров на 24 април и на 8 мај да го заокружат бројот 1 бидејќи ако дојдат тие на власт, со нивните деструктивни идеи, младите уште помасовно ќе се иселуваат од државата.