Претседателот Стево Пендаровски кој денеска престојуваше во Тетово изјави дека поддржува албански јазик наместо фразата 20 проценти во Уставот на Македонија.
Според Пендаровски големи се разликите околу ставовите за правење измените на Уставот. Тој смета дека мора да има согласност од двете, трите, петте претпоставени страни учеснички за заедничка средба на оваа тема.
-Ако некој сака да разговараме за т.н. хрватски модел, другата страна вели таа работа сме ја решиле пред 20 и повеќе години. Ако првава страна вели да разговараме за Бугарите во Уставот, зошто да не, бидејќи тоа е главна претпоставка за да продолжиме кон Европа, другава страна вели не. Не можеш со сила некого да натераш на муабет, изјави Пендаровски денеска во Тетово, каде одржа предавање пред студентите на Универзитетот на југоисточна Европа во Тетово.
На новинарско прашање за предлогот на некои партии за замена на фразата 20 проценти со албански јазик, претседателот Пендаровски рече дека за тоа нема проблем.
-Јас сум го кажал тоа многу пати и тоа едно, две-три години наназад, и тоа апсолутно не ми пречи и прв би поддржал бидејќи мислам дека тоа е природна, нормална работа. Зошто нечиј етнички идентитет, кој е јасен и неспорен за секого, би го криеле зад бројки, истакна шефот на државата.