Претседателот Стево Пендаровски вчеравечер се обрати на прославата што по повод 15-годишнината од основањето на Универзитетот Американ Колеџ Скопје се одржа во Музејот на современа уметност во Скопје.
Пендаровски посочи дека годишнините се секогаш повод да се потсетиме низ што поминавме, но и да погледаме што не очекува во времето што е пред нас. Тој истакна дека неспорно е дека во овие 15 години Американ Колеџ реализираше многу од своите цели и со тоа даде значаен придонес кон подигнување на стандардите во македонското високо образование.
– Од своите почетоци, Универзитетот им нуди можност на македонските и на странските студенти да студираат според меѓународно акредитирани и признаени наставни програми. Ова е особено важно ако се имаат во предвид слабостите кои веќе подолг период наназад се евидентни во нашето високо образование: ниско ниво на вложување во образовни и научно-истражувачки дејности, хиперинфлација на дипломи, застарени програми и методи и продукција на стручни профили кои се во расчекор со реалните потреби на пазарот на трудот. Сето ова само дополнително го поттикнува одливот на млади луѓе од земјава. Уште во 2005-та, основачите на Универзитетот знаеја дека општеството се менува преку образованието и затоа понудија одржлива алтернатива. Комбинирајќи ги најдобрите европски и американски образовни стандарди, УАКС даде позитивен пример за тоа какво може да биде високото образование кај нас, рече тој.
Пендаровски истакна дека Универзитетот Американ Колеџ е пример за универзитет од третата генерација што ги обединува трите основни дејности – образование, научно истражување и апликација на know-how.
Нагласи дека според референците од својата научно-истражувачка работа Универзитетот е на првото место меѓу приватните универзитети во Македонија. Централната банка на САД го рангираше Факултетот за деловна економија и организациски науки на прво место меѓу сите економски факултети кои работат во нашата држава. Тој додаде дека МБА програмата е меѓу 5-те најдобри програми во Источна Европа. Благодарение на научно-истражувачката работа, помеѓу останатото, УАКС се наоѓа и на високото второ место на Шангајската листа на домашни универзитети.
– Универзитетот постојано успева да го стесни јазот меѓу знаењата и вештините кои студентите ги добиваат и барањата на пазарот на трудот. Во просек, кај нас, од 100 дипломирани студенти, само 13 без посебни проблеми можат да најдат добро вработување, соодветно на нивните квалификации. За разлика од тоа, дури 78 проценти од студентите на УАКС наоѓаат работа по дипломирањето.Овие успеси се резултат на долгогодишната напорна работа на многу посветени поединци. Тука се основачите кои имаа јасна идеја за мисијата, визијата и вредностите на Универзитетот. Тука сте и вие, професорите, асистентите и административниот кадар кои ги одржавте високите критериуми сите овие години. Се разбира, тука се и студентите кои ги прифатија и ги пренесоа вредностите на нивните работни места, во нивните сфери на влијание. Имав чест да бидам професор и ментор на многу извонредни студенти на Факултетите за политички науки и за правни науки. Тоа се успеси со кои сите ние можеме само да се гордееме, нагласи шефот на државата.
Во светот што брзо се менува, како што посочи тој, високообразовните институции мора да се прилагодат на глобалните трендови.
– Денеска сме собрани во Музејот на современа уметност што како симбол на човековата креативност и истрајност се издигна од трагедијата на Скопскиот земјотрес. Ако земјотресот го промени физичкиот простор на нашиот град, пандемијата на КОВИД-19 ја промени функционалната динамика на нашите системи, вклучително и на системот на високото образование. Сведоци сме на голема трансформација на политиката, економијата, индустриите, пазарот на трудот. До крајот на оваа деценија многу од професиите што ги знаеме ќе бидат застарени или целосно ќе исчезнат. Пандемијата само дополнително ги забрзува овие процеси. Државата и високообразовните институции треба да го препознаат овој период како можност за темелни реформи во образованието. Пред наши очи се случува револуција во онлајн наставата, посочи Пендаровски
Претседателот Пендаровски потенцира дека целта на високото образование не е само да стекнете диплома, независно дали е меѓународно призната или не, туку да им се помогне на студентите да ги развиваат сопствените капацитети за креативно и автономно размислување.
– Знаењата и вештините од 19 и 20 век веќе не се доволни за соочување со 21-от век. Капацитетот за адаптација е многу поважен од капацитетот да ги повторувате претходно совладаните модели. Благодарение на брзата адаптација на промените што ги донесе новонастанатата ситуација, УАКС беше прв што воведе хибриден модел на настава во услови на пандемија на КОВИД-19. Квалитетното високо образование е клучот за просперитет, стабилност и напредок. Затоа, подигнувањето на неговиот квалитет мора да биде наш врвен приоритет. Треба да учиме од најдобрите примери, како од странство, така и од земјава. Еден од тие примери несомнено е Универзитетот Американ Колеџ Скопје, истакнал Пендаровски на вчерашната прослава на 15-годишнината на Универзитетот Американ Колеџ Скопје.