Жените имаат важна улога во градењето на стабилно и демократско општество. Со поголемо вклучување на жените во полицијата, ќе се подобри функционирањето на институцијата во целина. Клучен дел од европските реформи е борбата против стереотипите и предрасудите, посочи претседателот Стево Пендаровски.
Тој на денешната регионална конференција посветена на родот и безбедноста организирана од ОБСЕ и од ОДИХР напомена дека стереотипите во минатото ги ставаа жените во нерамноправна позиција во безбедносниот сектор.
– Ние мора да ги промениме тие навики кои се длабоко вкоренети во нашиот менталитет, рече Пендаровски.
Според Пендаровски, полицијата има незаменлива улога во спроведувањето на законите, одржувањето на редот, почитувањето на човековите права и слободи, и чувањето на државната граница.
Како што додаде, преку извршувањето на овие важни должности, полицијата го чува највредното што го има една држава, а тоа е довербата на македонските граѓани во сопствената држава и во нејзините институции.
– Искуствата од најразвиените држави покажуваат дека полициските службенички и припаднички на полициските единици можат многу успешно да разрешуваат ситуации што вклучуваат родово-базирано и семејно насилство каде што жртвите се жени и деца, додаде Пендаровски.
Фото: МИА