Единаесет американски војници се повредени за време на иранскиот напад врз базата Ал Асад во Ирак, иако Пентагон претходно тврдеше дека никој не бил повреден.

– Иако ниту еден припадник на американските сили не загина во нападот што се случи на 8 јануари, неколкумина се лекуваат од симптоми потрес на мозок од експлозиите и нивната состојба се уште се проценува, соопшти воената коалиција предводена од САД, која во Ирак и Сирија се бори против Исламска држава, јави Си-Ен-Ен.

Повредените војници од базата во Ирак се префрлени во Регионалниот медицински центар Ландштул во Германија поради понатамошни анализи и се очекува да се вратат на должност кога ќе бидат прогласени за способни.

Претставник на американската армија за Си-Ен-Ен изјави дека при нападот, извршен во знак на одмазда поради убиството на иранскиот генерал Касим Сулејмани, се повредени 11 војници.

И американскиот секретар за одбрана Марк Еспер минатата недела изјави дека според првичните проценки, при нападот врз воените бази во Ирак, каде се стационирани американските војници причинета е само материјална штета.