Американската војска соопшти дека ракетните тестови спроведени од Северна Кореја викендов претставуваат закана за соседите во земјата и меѓународната заедница.
„Оваа активност го нагласува континуираниот фокус на Северна Кореја за развивање на воената програма и заканите што ги претставува за нејзините соседи и меѓународната заедница“, се вели во соопштението на Индо-тихоокеанската воена команда на САД.
Севернокорејските државни медиуми изутринава по локално време објавија дека земјата тестирала нова „крстосувачка ракета со голем дострел“ во саботата и неделата, и покрај долгогодишните контроверзии со САД за нуклеарната програма на Северна Кореја.
Извештаите ја опишуваат ракетата како „стратешко оружје од големо значење“, чии тестови беа успешни и и дадоа на земјата „уште едно ефикасно средство за одвраќање на непријателските сили“.
Пјонгјанг е под меѓународни санкции за програмите за балистички ракети, кои би требало да го заштитат од американска инвазија.