На денешниот протест во Скопје, пензионерите истакнаа две барања од државата.
„Првото барање е да се покачи минималната пензија, што поскоро. Значи, висината на минималната пензија да биде во висина со минималната плата. И второто барање е, што е исто многу оправдано, покачувањата да бидат линеарни, да не бидат процентуални, за сите пензионери да бидат по 3.500 денари на секое покачување. Како за најмалите пензии, така и за најголемите пензии. Нема зошто да има разлика“, вели Сузана Шкоф, пензионерка за ТВ Сител.
Со идентични барања во изминатите денови протестираа пензионерите ширум државата. Сега тие најавуваат централен протест кој ќе се одржи во главниот град на 14 август.
„Се надеваме дека тоа ќе биде еден поголем протест, на 14, ќе биде помасовен. Така што, ќе допре повеќе до тие што треба да одлучуваат“, вели Шкоф.
„Уште немаме лубеница пробано од што не можеме да си купиме овошје“, истакнува пензионерка.
Пензионерите велат дека пензиите им се ниски и парите не им стигаат за да го поминат месецот.
„Не можеме да да го издржиме месецот. Ништо не останува од овие пари што ги имаме“.
„Јас сам тука живеам. Заправив куќа, не можам да ја направам, немам ни за јадење. Ако не пуштаат децата пари, јас би трпел и за леб“.
„Јас со 13.000 почнав, сега сум на 15.000.“
-Се издржува ли со 15.000?
„Како не? Се утепав од шетање… со точакот“
Од МТС велат дека пензискиот фонд е стабилен и дека веќе се разгледуваат барањата на пензионерите.
– Пензионерите се приоритет на Владата на Република … Македонија. Во овој владин состав се донесоа низа мерки за помош и поддршка на пензионерите, и трендот не сопира. Предлозите од пензионерите се на маса, се дискутира за истите и во најскоро време ќе продолжиме со промоција на нови мерки и пакети кои ќе осигурат достоинствен живот на пензионерите и понатаму, се вели во дописот од Министерството.
Статистиката вели дека една четвртина од пензионерите живеат со минимална пензија од 12.600 денари. Само околу 90 пензионери во државата го земаат највисокиот износ што може да се исплати – нешто над 54.000 денари, но тоа се главно луѓе кои печалеле во странство.