Во денеска објавениот Индекс за перцепција на корупцијата на Транспаренси Интернешнл С. Македонија е рангирана на 111. место со 35 бодови, а таа позиција ја дели со Босна и Херцеговина и Монголија.
Во регионот на Западен Балкан најдобро разнгирана е Словенија со оценка 60, потоа Хрватска – 47, Црна Гора – 45, Србија – 38 и Косово 36 бодови.
Низ целиот регион, пандемијата на Ковид-19 ги разоткри системските проблеми и ја истакна широко распространетата корупција, што доведе до зголемено незадоволство кај јавноста, се вели во извештајот на Транспаренси Интернешнл.
Се вели дека некои политички лидери ја искористија кризата за да ја зголемат својата моќ, да го намалат веќе ограничениот пристап до информации, да го елиминираат барањето за транспарентност во постапките за јавни набавки и да ги игнорираат принципите на јавна одговорност.
Ковид-19 им даде изговор на корумпираните и авторитарни лидери да го намалат надзорот над јавните трошоци и да ги ограничат граѓанските слободи. Овие напори ја намалија транспарентноста за потрошувачката на странска помош, што го отежнува контролирањето на користењето на средствата за дистрибуција на помошта.
Истражувањата покажуваат дека корупцијата ги поткопува демократските права и институции, како што се слободата на говорот, пристапот до информации и независното судство и ги ограничува граѓаните да ја согледуваат и препознаваат одговорноста на надлежните.
Распространетата корупција и недостигот на транспарентност и отчетност го поткопаа адекватниот одговор на Ковид-19 во сите земји во регионот, се вели во извештајот.
Најдобро позиционирани земји на глобално ниво според индексот на перцепција на корупцијата се Данска, Нов Зеланд, Финска и други западни земји со висок степен на демократија. Земјите погодени од војна, беззаконие и диктатура се на крајот на листата, а оваа година тоа се Сирија, Сомалија и Јужен Судан.
Индексот користи скала на бодови од нула (многу корумпирана земја) до 100 (некорумпирана земја).