Софија деновиве испрати допис до Стразбур во врска со својата обврска да одговори на забелешките на Советот на Европа, односно на Дирекцијата за следење на извршувањето на пресудите (ДЕЈ) поради неизвршувањето на седумнаесетте пресуди во корист на македонските здруженија во Бугарија донесени од страна на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП).

Но наместо со правни аргументи да образложи зошто државата Бугарија ги игнорира пресудите на ЕСЧП, Софија внесува политички или, подобро речено, политикантски методи на обвинувања и го пренасочува сечилото кон официјално Скопје за политизирање на случајот, обвинувајќи ја Македонија за поткопување на европските вредности и дека Скопје организира логистичка, финансиска, медиумска и дипломатска поддршка за поддржување на македонските здруженија во Бугарија, анализира НОВА МАКЕДОНИЈА.

Бугарскиот напад најдобра одбрана?!

Бугарската влада во споменатиот допис до Советот на Европа (СЕ) ја искористи можноста да истакне, како што вели, „некои клучни општи аспекти на извршувањето на пресудите на ЕСЧП од групата ОМО ’Илинден‘“.

Во дописот се наведува дека за апликантите „се чини дека нивните намери не се насочени кон успешно завршување на процесот на регистрација, туку на политизирање на прашањето“, обвинувајќи ја вклучително и државата Македонија за „поткопување на вредностите на Европската конвенција за човекови права“, натаму за „инструментализацијата од страна на Република Северна Македонија за политички цели на извршувањето на пресудите на ЕСЧП, што е во спротивност со словото и духот на Европската конвенција за човекови права“, пишува најбезобѕирно официјална Софија во својот допис до СЕ.
Во одговорот, во кој имаше увид „Нова Македонија“, се пишува дека „бугарските власти со загриженост“ забележуваат дека „извршувањето на пресудите во оваа група случаи продолжува рутински да се политизира од Република Северна Македонија, вклучително и на највисоко државно и владино ниво“. Според Софија, „оваа политизација се репродуцира на јавниот простор и вклучува ширење брутални дезинформации за суштината, обемот и извршувањето на пресудите на ЕСЧП“. Натаму се тврди дека „ова е комбинирано со медиумска, дипломатска, логистичка и финансиска поддршка за апликантите од различни официјални и неофицијални субјекти и поединци од Република Северна Македонија“. (?!)

На тој начин Софија флагрантно ја вовлекува Македонија во случаите во кои формалноправно Македонија не е, ниту пак била странка во оваа група случаи, при што намерата е пред Советот на Европа и воопшто пред европската јавност, како и институциите на ЕУ, Македонија да се прикаже како субјект што активно ги поткопува вредностите на Европската конвенција за човекови права и чини поведенија во спротивност со словото и духот на Европската конвенција за човекови права. А сето тоа е нова импутација на Македонија дека не ги почитува основните европски принципи и дека сѐ уште не ѝ е местото во Унијата.
Во исто време, официјална Софија лиферува во јавноста и уште едно ново соопштение, во истиот контекст со гореспоменатиот допис упатен до Советот на Европа, но овој пат ги обвинува Македонија, македонската влада и премиерот Мицковски дека „премиерот Мицкоски уште еднаш демонстрира недоволно разбирање на одлуките на Европскиот суд за човекови права“ (?!) и дури дека „се меша во внатрешните работи на Бугарија“ (!?).

– На тој начин, сакајќи или не сакајќи, промовира манипулативни и лажни тези, кои би можеле да се сметаат за вистинско мешање во внатрешните работи на Република Бугарија – пишува во соопштението за јавноста на официјална Софија.

Аналитичарите и наши соговорници го толкуваат тоа како синхронизиран план со кој Софија пред лицето на Европа, како и пред лицето на јавноста од регионот и во самата Македонија, сака на најбрутален можен начин со политички подметнувања и инсинуации да ја оцрни Македонија пред европската и светска јавност за незрелост за придружување кон европското семејство.

Премиерот Мицковски: Треба да видиме дела!

Одговарајќи на новинарско прашање какво е расположението во ЕУ за потпишување изјава од страна на Европскиот совет, Европската комисија или од бугарска страна, за тоа дека вметнувањето на Бугарите во Уставот ќе биде единствено билатерално прашање на нашиот пат кон ЕУ, премиерот Христијан Мицкоски изјави дека досега слушнал многу изјави, но оти треба да се гледаат делата и потсети дека високи претставници на ЕУ велеле оти промената на името на државата е последната работа што треба да се направи.
– Се сеќавам кога високи претставници на ЕУ, придружувани од високи претставници на други земји во светот, седеа пред мене и ми велеа – името е последната работа што треба да ја направите. Нормално ние и тогаш бевме против, но и тогаш им велев дека не ја говорат вистината и дека не е последната работа. Треба да видиме дела, а дела, според мене, претставуваат признавање на пресудите од Судот за човекови права во Стразбур за македонската заедница во Бугарија, јасно и недвосмислено признавање на многувековниот македонски идентитет и јасно и недвосмислено признавање на многувековната македонска култура, традиција, обичаи и јасно и недвосмислено признавање на македонскиот јазик, кој е официјален јазик во ОН од 1945. Мораме да ги почитуваме принципите, во спротивно имаме сериозен проблем – изјави премиерот Мицковски.
Според него, Македонија како држава нема проблем со другите народи, туку напротив, ги почитува.
– Ако некој има проблем затоа што некој поголем од него му дава совети, а некој тоа го сфаќа како мешање во внатрешните работи на една суверена држава, тогаш ова што го слушаме од страна на нашиот источен сосед, ако не е мешање во внатрешните работи на суверена држава, не знам за што станува збор. Така што, ние не сме народ што има проблем со други народи, напротив, ги почитуваме нашите соседи, и Албанците и Србите, Грците, Бугарите, но бараме еднакво почитување и за нас Македонците – истакна во врска со новите обвинувања од Софија премиерот Мицковски.

Експертите советуваат дека на безобѕирните и неосновани напади на Софија треба да се одговори со силен контранапад

– По ваквите политички напади, Македонија треба да одговори со правни средства. Во согласност со Европската конвенција за човекови права (ЕКЧП), секоја држава членка на Советот на Европа има право да поведе спор пред Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) против друга држава поради непридржување до Европската конвенција за човекови права. Ова не само што е содржано во ЕКЧП како право и обврска на секоја држава да се грижи дека и другите држави ќе ја почитуваат конвенцијата туку постои и пракса каде што многу членки на СЕ имаат поведено спорови една против друга.

Очигледно е дека Бугарија иако се обврза на членот 11 од ЕКЧП – право на здружување, во согласност со ЕКЧП, таа не го почитува тоа право.

На потег е македонската држава да оформи предмет и да почне постапка пред ЕСЧП за да ја демократизира бугарската држава – сугерираат нашите соговорници, експерти за меѓународна политика и за човекови права.

ЦЕЛАТА АНАЛИЗА НА Тони Гламчевски за НОВА МАКЕДОНИЈА