Светот во овој момент мора навистина длабински да се подготви за промените кои следуваат, а ние да направиме максимален напор да ги мобилизираме сите наши сили, сè што можеме да искористиме за да имаме квалитативен, повисок одговор на она што ќе ни се случи во блиска иднина – огромна промена во профилот на работната сила, бран на технолошки иновации, изјави Антони Пешев, извршен директор на Стопанската комора на Македонија која денеска организираше конференција „Градење иднина – практични вештини за новата генерација“.
Во таква ситуација, како што рече „цунами во најава“, во Македонија ќе треба да се направат исклучително големи промени во високото образование.
-Колку и да боли, колку и да изгледа непопуларно, на Македонија и треба квалитет, а не фабрика за печатење дипломи. Тоа е нешто што треба да го научиме. Ако во средното образование за дваесетина години работа на реформи дојдовме до ниво 70 отсто деца да се запишуваат во средните стручни училишта, дошло време таа работа да се случи и со универзитетите… Ќе останеме со диполми и без работа. И тоа нека биде сигнал за сите нас дека е време за аларм. Се надевам дека и Владата има разбирање за тој сегмент, заради тоа што се работи за реформа која досега сме ја немале, порача Пешев.
Укажа и на се поголемото влијание на вештачката интелигенција која ќе ги диктира професиите и профили на работна сила и притоа укажа дека треба да се внимава со нејзиното користење.
-Вештачката интелигенција ја споредуваат со огнот. Тој може да биде извонреден слуга, но ако ние не знаеме да го користиме и контролираме, може да ни се случи да биде многу непријатен господар. Она што најголемиот дел од светските водечки мислители во делот на вештачката интелегенција го говорат е дека светот заостанува во дефинирањето на позицијата на вештачката интелигенција во образовните процеси, редефинирањето на работните места и сето она каде тоа би се нашло, додаде Пешев.
Фото: Архива




