Пратеничката и претседателка на Унија на жени на ВМРО-ДПМНЕ, Жаклина Пешевска, се присети на денешниов ден пред 7 години, кога, како што вели, пред очите на нејзините малолетни дечиња, со полициска опсада која влегла со кршење на влезната врата, ѝ биле ставени лисици на рацете поради терoристичко загрозување на уставниот поредок на државата.

-Да не се заборави и да не се повтори!
На денешен ден – 2017 година нешто пред 05:00 часот наутро во мојот дом, пред очите на моите три малолетни дечиња, со полициска опсада која влезе со кршење на влезната врата, ми беа ставени лисици на рацете поради терoристичко загрозување на уставниот поредок на Република Македонија.
После целата голгота низ судови и претреси, одземен имунитет со поддршка од „европските” пратеници бев испратена во домашен притвор.
На крај, во отсуство на докази се запре истрагата против мене.

Пешевска вели дека сиот терор го издржала на нозе, иако последиците и траумите од овие случувања, таа и нејзиното семејство ги чувствуваат и денес и ќе ги чувствуваат засекогаш.

-Неправдата ќе ја чувствувам сѐ додека моите браќа, оние што си ја сакаат Македонија се во зандани, далеку од нивните семејства.
Сѐ додека не изгрее сонцето на слободата за нив, не можам ни да ги заборавам, ни да ги простам неправдите во режија на СДС!