Кремљ денеска соопшти дека апсењето на илјадници луѓе на протестите против затворањето на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални е неопходен одговор на протестите.
Прашан да даде коментар за грубиот третман кон илјадници притворени, од кои многумина поминаа часови во полициски автобуси и сместени во преполни ќелии, портпаролот на рускиот претседател Владимир Путин, Дмитриј Песков рече дека тие мора да одговараат за учество во протести за кои немало дозвола од властите.
– Ситуацијата не беше испровоцирана од органите за спроведување на законот, таа беше испровоцирана од учесниците во несанкционираните акции, истакна Песков.
– Пред се, ова се луѓе кои учествуваа во нелегални активности, нагласи Песков.
Тој рече дека Русија нема да ги слуша критиките на Западот за осудата на Навални и полициската акција против демонстрантите.
– Нема да ги земеме предвид ваквите изјави во врска со спроведувањето на нашите закони против оние што ги кршат и пресудите на рускиот суд, посочи Песков.