Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков, денеска оцени дека несогласувањата на Западот околу замрзнатиот руски имот е „феноменална ситуација“ и напомена дека одговорноста за евентуална заплена на рускиот имот ќе ја сносат и поединци и држави.

Во интервју во емисијата „Москва, Кремљ, Путин“, Песков потсети на соопштението на ММФ за последиците од запленувањето на рускиот имот, додавајќи дека „тоа не се случило долго време“.

– Значи, дури и ММФ, темелот на монетарната политика во монетарниот свет што тие го создадоа, сега се врти против нив и им порачува: Вразумете се, рече Песков.

Европската комисија од неодамна се обидува да ги искористи замрзнатите руски средства за т.н. репарациски кредит за Украина, при што станува збор за износ меѓу 185 и 210 милијарди евра, кој Украина би требало да го врати по завршувањето на судирот, доколку Русија исплати воена отштета.

Во Европската унија не постои консензус за ова прашање, а Белгија, во која се наоѓа најголемиот дел од рускиот имот, се противи на тој план.

Белгискиот премиер Барт де Вевер, укажа дека овие планови би можеле да го попречат потенцијалното решавање на судирот меѓу Москва и Киев.

Истовремено, францускиот министер за надворешни работи, Жан-Ноел Баро, тврди дека одлуката за конфискација на имотот би можела да биде донесена на самитот на Европската унија на 18 декември.

Москва политиката на ЕУ по ова прашање повеќе пати ја нарече кражба, а рускиот претседател Владимир Путин нагласи дека тоа би довело до нагол пад на довербата во еврозоната.