Изјавите на францускиот претседател Емануел Макрон за зголемување на воената поддршка за Украина покажуваат дека Франција е „подготвена директно да учествува во конфликтот“, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Тој рече дека може да се каже дека „Макрон покажува апсолутна поддршка за украинскиот режим“ и дека изјавува оти Франција е „подготвена директно да учествува во воениот конфликт“.

Макрон синоќа изјави дека Франција ќе испрати борбени авиони Мираж во Украина, а француската армија ќе обучува украинските пилоти.

Тој повтори дека на Украина треба да и се дозволи да користи оружје обезбедено од нејзините западни сојузници за да гаѓа руски воени цели.