Сириската армија се подготвува да го реши проблемот со тероризмот во провинцијата Идлиб, последниот бастион на бунтовниците во Сирија, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
– Состојбата во Идлиб и понатаму предизвикува загриженост во Москва, во Дамаск, во Анкара и во Техеран, наведе Песков, пред претстојната трилатералната средба (Русија, Турција и Иран) на високо ниво за Сирија, што ќе се одржи во Техеран.
Тој додаде дека се создава нов јазол на тероризмот и тоа води кон општа дестабилизација на ситуацијата.
– Тоа ги поткопува напорите за постигнување на политичко-дипломатски договор во Сирија и најважно, тоа претставува сериозна закана за нашите воени бази во Сирија, посочи Песков.
Портпаролот на Кремљ додаде и дека од Идлиб биле лансирани десетици дронови врз руската воено-воздухопловна база во Хмејмим, северозападна Сирија.
– Нема сомнеж дека таквиот проблем треба да биде решен. Знаеме дека сириските вооружени сили се подготвени да го решат таквиот проблем, наведе Песков.
Неговата изјава уследи откако американскиот претседател Доналд Трамп вчера ги предупреди Сирија, Русија и Иран да не преземаат офанзива во Идлиб, бидејќи таквата операција може да предизвика „човечка трагедија“.
– Да упатиш предупредување без да ги земеш во предвид негативностите и потенцијалните опасности за ситуацијата во цела Сирија значи дека немашцелосен и сеопфатен пристап за решавање на проблемот, наведе Песков.
На 7 септември во Техеран претседателите на Иран, на Русија и на Турција ќе разговараат за состојбата во Идлиб. Тоа е последниот реон кој не е под контрола на сириската Влада.