Лигата, десничарската партија на италијанскиот министер за внатрешни работи Матео Салвини, се искачи на 32,2 проценти на анкетите на популарноста, со што веќе има солидна предност пред својот коалициски партнер Движењето 5 Ѕвезди (М5С), кое има поддршка од 28,3 проценти од граѓаните.

Популарноста на партијата на Салвини расте од мартовските избори, кога Лигата освои 17,3 проценти од гласовите, додека М5С забележа пад од коалицирањето со Лигата, од 32,6 на сегашните 28,3 проценти.

До неодамна владејачката Демократска партија на Матео Ренци заостанува безмалку двојно зад Лигата, со само 17,4 проценти поддршка од граѓаните. Оваа партија освои 18,7 проценти од гласовите на изборите што се одржаа во март.

Форца Италија, на некогашниот премиер Силвио Берлускони, која пред популистичкиот политички бран што ја зафати Европа се сметаше за водечка италијанска партија заедно со Демократската партија, сега котира на само осум проценти кај граѓаните. На изборите, Лигата се сметаше за помал коалициски партнер на Форца Италија во нивната десничарска коалиција, но младиот и енергичен Салвини лесно ги придоби поддржувачите на Берлускони по формирањето на Владата.

Салвини стана препознатлив по цврстиот став против илегалната миграција во Италија. Тој ја затвори средоземната рута за транспорт на мигранти од Либија до Италија, а отвори конфликт со Франција и со други земји од Европската унија поради нивното одбивање да примат дел од мигрантите сместени во Италија.

Тој најави формирање на блок држави кои се против миграцијата заедно со унгарскиот премиер Виктор Орбан, а упати изрази на поддршка и на претседателот Трамп како и на Велика Британија во спорот околу Брегзит.

Воедно Салвини е постојано активен на социјалните мрежи, а неодамна вирално се рашири негова снимка на која го обвини новинарот и политичар од Демократската партија Калид Чауки дека не ги застапува граѓаните на Италија туку тие кои „утре ќе се симнат од бродовите“. цч/ми/17:36