Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков изјави дека не станува збор за создавање демилитаризирана зона околу нуклеарната централа Запорожје.
Русија смета дека сите земји треба да извршат притисок врз Украина да престане да ја гранатира нуклеарната централа Запорожје, додаде тој.
– Воената тензија може да се намали со притисок врз украинската страна да престане да ја гранатира оваа и блиската територија, рече Песков.
Портпаролот на Кремљ кажа дека на територијата под нејзина контрола Русија ќе ја осигури сета потребна безбедност за делегацијата на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), предводена од генералниот директор Рафаел Гроси, а која неделава треба да пристигне во посета на нуклеарната централа.
– На делот од територијата што ја контролира Русија, секако, таму во нуклеарната централа Запорожје ќе биде осигурена сета безбедност на потребното ниво, имајќи ги предвид ризиците што постојано доминираат и се поврзани со непрекинатото гранатирање на оваа територија од украинска страна, рече Песков.
Како што прецизираше, мисијата на МААЕ ќе пристигне на територијата на нуклеарната електрана Запорожје преку зоната контролирана од Киев.
– Како што разбрав, Украинците ќе обезбедат безбедност таму, додаде Песков.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, претходно изјави дека проблемот ќе биде решен доколку се дозволи демилитаризација на нуклеарната централа Запорожје.