Велика Британија, Канада, Шведска, Швајцарија и САД планираат на крајот од месецов да основаат фонд за помош на Украина со финансирање од 35 милиони фунти (над 47 милиони долари) за период од три години, соопшти денеска прес-службата на Министерството за реинтеграција на неконтролирани територии на Украина.

Станува збор за создавање на меѓународниот фонд „Партнерство за силна Украина“. Тоа е заедничка иницијатива на Велика Британија, САД, Канада, Шведска и Швајцарија. Овој месец, на 31 јануари, се планира фондот и официјално да почне со работа со потпишување договор, стои во соопштението на Министерството.

Целта на фондот е поддршка на долгорочен одржлив развој и зголемување на отпорноста на општините погодени од руската агресија, спречување на понатамошна ескалација и подготовка за непречена социјална, економска и политичка реинтеграција на привремено окупираните територии.

Од Министерството појаснуваат дека главните проекти што ќе се реализираат во 2022 година со помош на фондот се проекти за енергетска ефикасност, зајакнување и одржливост на заедниците.

Основачите ги најавија своите намери за формирање на фондот во август минатата година. Тие сметаат дека со негова помош ќе се намали „дестабилизирачкото влијание“ на руската страна во Донбас.