Не е време да се кажам кои ќе бидат новите министри, кога претседателот на Бугарија Румен Радев, ќе и го додели мандатот на „Промените продолжуваат“, изјави за Нова ТВ премиерот во оставка Кирил Петков.
Според Петков, јавува дописникот на МИА од Софија, нема подобар вицепремиер и министер за финансии на Бугарија од Асен Василев, кој ги фатил обидите за кражба на пари од досегашниот министер за регионален развој Гроздан Караџов, кој е од партијата на Слави Трифонов.
Петков кажа дека неговата партија ќе испрати покана до сите пратеници од партијата на Слави Трифонов „Има таков народ“ и ќе ја претстави својата програма за следните шест месеци и за една година. Според него, ако успеат да соберат 121 пратеник, Бугарија за првпат ќе има независна влада и задкусните игри нема да може да влијаат на нејзините активности, како што беше случајот со партијата „Има таков народ“.
Бугарскиот претседател Румен Радев ниту еднаш не и помогнал на владата и постојано ја критикувал, коментира Петков.
-Радев немаше конструктивна улога ниту на темата С. Македонија, дециден беше Кирил Петков.
Премиерот во оставка коментираше дека не го разбира Радев и дека за вакви важни национални прашања сите требало да седнат и да одлучат што да прават по ова важно прашање, бидејќи имало многу добар предлог од француското претседателство со ЕУ, кој ги штити интересите на Бугарија.
-Дали ГЕРБ и Бојко Борисов ќе се вратат на власт во Бугарија зависи од луѓето на улица и гласачите во неа, коментира Кирил Петков.