„Оптимист сум„, кусо им одговори на новинарите бугарскиот премиер, пред да влезе на дебатата за гласање на доверба на неговата влада. Малку подоцна, во обраќањето, посебно им се обрати на пратениците од „Има таков народ„, чии гласови ќе пресудат за крајниот исход од гласањето.

Вие сте тие од кои зависат седум милиони Бугари во моментов. Ве повикувам да размислите повторно за вашата заклетва како народни избраници. Во неа го нема ниту господинот Трифонов, ниту господинот Борисов, ниту Ахмет Доган, ниту госпоѓата Митрофанова… Нека таа заклетва ве води во вашето решение утре. Ви благодарам, рече Петков.

Засега владејачката партија нема доволно гласови за да добие доверба, но може да дојде до промени. Потребни им се 121 глас, а на нивна страна се 115 гласа на Продолжуваме со промената, БСП, Демократска Бугарија и шесте независни кои се одделија од ИТН.

Против владата се вкупно 125 пратеници. Гласањето ќе биде утре, но доколку расправата продолжи до доцна, би можело да се одложи за во четврток.

Седницата е закажана на барање на ГЕРБ на Бојко Борисов, кои го обвнинуваат Петков за неуспех во економијата.

Додека трае дебатата, пред бугарското Собрание се протестира. Едни протестираат за поддршка на владиниот кабинет, други против него.Бугарските медиуми јавуваат дека, во следните три дена, се закажани дури единаесет протести.

Утрово и десетина приврзаници на бугарското ВМРО организираа собир пред домот на Петков, нарекувајќи го предавник и барајќи оставка и заштита на правата на Бугарите во Македонија.

По завршувањето на дебатата, се очекува поддржувачите на Петков да одржат митинг за поддршка.